• среда, 15 мај 2024

Костадиновска Стојчевска: Ќе продолжиме да работиме на задржување на статусот на УНЕСКО, потребна поголема соработка со локалната власт

Костадиновска Стојчевска: Ќе продолжиме да работиме на задржување на статусот на УНЕСКО, потребна поголема соработка со локалната власт

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска посочи дека заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство ќе продолжат да работат во насока на задржување на статусот, но и на унапредување на добрата што ги имаме, за да имаме што е можно повеќе добра впишани на листата на УНЕСКО, но како што рече, потребна е поголема соработка со локалната власт.

Костадиновска Стојчевска на денешниот панел што се одржува во рамки на конференцијата „Година на европски можности“ во Скопје, говорејќи за соработката со локалната власт во однос на заштитата на Охридскиот регион, посочи дека истата претставува голем предизвик.

Посочи оти не може да ја заврши целата работа сама, потребна е многу голема соработка и многу големо разбирање. 

-Соработката со локалната власт е секогаш предизвик. Додека ние реагиравме како Комисија на неколку одлуки на двете најзасегнати општини Охрид и Струга, тие како да останаа глуви на нашите барања да не донесуваат одлуки на ниво на Совет, кои што се штетни и се косат со начелата на УНЕСКО. Не треба да се менува одреден статус на одредени објекти на ниво на општина, само за нешто што не е во интерес на Општината и на државата, рече Костадиновска Стојчевска.

Во својот осврт на сработеното за време на панелот, како најзначајно министерката го издвои зголемувањето на платите на вработените во секторот култура.

-Кога зборуваме за влог во културата, сметам дека тоа е еден од најголемите влогови во културата, односно потпишувањето на колективниот договор во 2019 година, кој што овозможи раст на платите на вработените во секторот култура за повеќе од 43 проценти и кој што гарантира постојан раст, односно усогласување со растот на минималната плата на годишно ниво. Благодарение на тој колективен договор, се посветивме на зголемувањето на платите на директорите на културните установи, затоа што секој директор ја носи одговорноста и за тоа треба да биде соодветно вреднуван, додаде Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека во културата во овие две години се вложени повеќе од 900 милиони денари за реконструкција на постоечките објекти кои се под Министерство за култура и ќе продолжат да инвестираат во градба на новите објекти, односно во Тетово со Театарот и Библиотека, како и со изградбата на Турски театар.

-Конечно заврши целата процедура со училиштето во Љубојно кој што прераснува во Центар за промоција на македонскиот јазик. Вкупно 32,8 милиони денари се обезбедени за целосна реконструкција на училиштето во Љубојно кое што треба да заврши за максимум две години. Настан кој ги одбележа овие две години беше и враќање на иконите од Албанија, додаде министерката.

Костадиновска Стојчевска потсети и дека заврши цел процес околу преземање на правото за реконструкција на Универзална сала и очекуваат дека до 2027 година ќе биде целосно ставена во функција.

-Исто така, во последните три години формиравме осум нови национални установи и секоја од нив претставува континуитет во одредено поле, секоја од нив претставува одбележување на посебен сегмент, претставува можност за понатамошно развивање на културната сцена, додаде министерката на панелот.бт/aa/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан