• среда, 19 јуни 2024

Косово и САД потпишаа договор за борба против манипулирањето на информации од други држави

Косово и САД потпишаа договор за борба против манипулирањето на информации од други држави

Приштина, 19 мај 2024 (МИА) – Американската државна потсекретарка, Елизабет Ален, која престојува во Приштина, и косовската претседателка Вјоса Османи, потпишаа денеска договор за разбирање меѓу владите на Соединетите Американски Држави и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

На заедничката прес конференција по потпишувањето на договорот Османи рече дека „кампањите за дезинформации претставуваат голема закана за стабилноста и националната безбедност на Косово, но и на Западен Балкан“.

„Соочени со невидени глобални предизвици, кампањите за дезинформации претставуваат голема закана за стабилноста и националната безбедност на Косово, но и на Западен Балкан во целина. Овие кампањи имаат за цел да сеат страв, да манипулираат со јавното мислење и да ја поткопаат довербата во демократските институции. Но, пред се целат да ја нарушат демократијата и демократските вредности кои се темелите на нашите држави“, рече Османи.

Косовската претседателка рече дека Косово не е поштедено од дезинформации и сајбер напади и дека тие се интензивираат како резултат на влијанието на Русија во регионот преку Србија.

„Договорот потпишан денеска има за цел да се бори против ова. Тоа не е само уште еден договор, туку е пресвртница, зајакнување на нашата соработка во борбата против манипулациите со информации. САД се наш главен сојузник и нашето партнерство со САД е егзистенцијално за секој успех на Косово“, рече Османи.

Американската државна потсекретарка, Ален рече дека со Османи разговарала за многу прашања, меѓу кои и за Заедницата на општини со српско мнозинство, нагласувајќи дек „Заедницата е суштински чекор кон евроатлантскиот пат на Косово“.

„Со претседателката имавме продуктивна дискусија за дезинформациите, политиканството, поддршката на граѓанското општество и мултилатерален ангажман. Разговаравме и за критичното прашање за европскиот и евроатлантскиот пат на Косово. Повторив дека најдобро можеме да го поддржиме патот на Косово кон европските и евроатлантските институции кога имаме блиска соработка и координација. Разговаравме за суштинскиот чекор кон евроатлантскиот пат на Косово - напредокот на Косово во врска со Заедницата на општини со српско мнозинство“, рече Ален.

Ален рече дека меморандумот потпишан меѓу САД и Косово за борба против манипулацијата со информации од странски земји е показател за посветеноста на САД и Косово да развијат заеднички пристап за подобро разбирање на дезинформациите кои потекнуваат од странство и за изградба на консултативни механизми за спротивставување на оваа закана.

„Го препознаваме фактот дека авторитарните влади манипулираат со информации и шират дезинформации за да влијаат на луѓето ширум светот, предизвикувајќи хаос и поделеност, за да ја намалат довербата во институциите, особено во демократските институции. Како што го имаме НАТО за да обезбедиме безбедност и одбрана, ќе се потпреме на овој договор за да се спротивставиме на странските дезинформации и малигните влијанија“, рече Ален. иа/рп/

Остани поврзан