• петок, 22 ноември 2024

Концерт на ФАМЕ’С Институт и Веско Ешкенази вечер во Филхармонија

Концерт на ФАМЕ’С Институт и Веско Ешкенази вечер во Филхармонија

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Концерт на ФАМЕ’С Институтот Оркестар предводен од светскиот виолинист Веско Ешкенази ќе се одржи вечер во камерната сала на Филхармонија. Како гостин концерт мајстор и ментор на оркестарот на овој концерт, ќе настапи и виолинистот од Бугарија Евгени Ноев.

Овој концерт се реализира во соработка со бугарскиот Културно информативен центар во Скопје. На концертот ќе бидат изведени „Серенада за гудачи“ од Чајковски, како и „Лето од четирите годишни времиња“ од Вивалди.

ФАМЕ'С европскиот окрестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар кој што е создаден во рамките на компанијата ФАМЕ'С која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Институтот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа, во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети.

Веско Пантелеев–Ешкензи, концертмајстор на Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам, потекнува од семејство на познати музичари. Од многу мала возраст покажува фантастични успеси како виолинист и веќе на свои 11 години, тој е концертмајстор на Младинската филхармонија „Пионер” под раководството на проф. Влади Симеонов.                  

Лауреат е  на меѓународниот натпревар „Виењавски” во Познан, меѓународниот натпревар во Пекинг и натпреварот „Карл Флеш” во Лондон. Носител е и на наградата „Музичар на годината” за 2010 која ја доделува Бугарското национално радио.

Како концертмајстор, соработувал со светски имиња како  Монсерат Кабаје, Пласидо Доминго, Алексис Вајсенберг, Јури Башмет, Мстислав Ростропович, Марис Јансонс, Бернард Хаитинк, Рикардо Шаји, Курт Мазур, сер Колин Дејвис, Карло Марија Џулини, Сеиџи Озава, Емил Чакаров...

Евгени Ноев Николов започнал да свири виолина уште од рана возраст и дипломирал на бугарското национално музичко училиште „Л. Пипков“ во класата на проф. Евелина Арабаџиева. Своето образование го продолжил на бугарската Национална музичка академија „Панчо Владигеров“, каде што дипломирал и магистрирал под раководство на проф. Петар Христосков. Евгени е музичар кој настапува како солист, но и во различни камерни состави и оркестри. Од јануари 2024 година е концерт-мајстор на оркестарот на Софиската опера и балет. Во 2018 година, заедно со сопругата, италијанската пијанистка Татјана Мајони, го основа дуото Артихармонија, со кое се активни преку бројни музички проекти на националната и меѓународната сцена. бт/нд/

Фото: ФАМЕ’С Институт

 

Остани поврзан