• недела, 22 декември 2024

Концерт на Синтезис за 30-годишниот јубилеј

Концерт на Синтезис за 30-годишниот  јубилеј

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - Групата Синтезис, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, денеска ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со спектакуларен концерт во Македонската Филхармонија. 

Со повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти, Синтезис се докажа како најзначајниот извозен музички продукт од Македонија. Тие настапувале во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали ширум светот, каде што ја презентирале македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија е да ја зачуваат македонската традиционална музика, но и да ја облагородат со нови музички форми и елементи кои ја прават релевантна за денешната публика.

- Цели три децении, Синтезис со посветеност и страст ја чува и развива македонската музичка традиција. Овој јубилеен концерт ќе биде кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и ќе претставува незаборавен настан за македонската публика. На јубилејниот концерт, заедно со своите гости, Синтезис ќе изведе дел од своите најпознати композиции кои го обележуваан нивниот пат низ годините, стои во соопштението од организаторите на концертот.

Формирана во 1995 година, Синтезис ја започна својата кариера со уникатна визија – да ја оживее и презентира македонската традиционална музика на современ начин. Со комбинирање на старите фолклорни звуци со модерни аранжмани, групата брзо се истакна на македонската музичка сцена и понатаму на меѓународната. Нивниот прв албум, „ДД Синтезис“, беше објавен во 1996 година и веднаш предизвика позитивни реакции кај публиката и критиката. Групата ја продолжи својата успешна приказна со албумите „Swinging Macedonia“(2000) и други значајни изданија кои го истакнаа нивниот автентичен звук. цр/лв/

Фото: Синтезис

 

 

Остани поврзан