• недела, 22 декември 2024

Концерт „Македонијо во срце те носиме“ во Крива Паланка

Концерт „Македонијо во срце те носиме“ во Крива Паланка

Крива Паланка, 26 август 2024 (МИА) - Големиот концерт од проектот „Македонијо во срце те носиме“ синоќа го преполни градскиот плоштад во Крива Паланка, а паланчани и бројните гости на градот уживаа во два и пол часовната програма со најголемите имиња од македонската музичка естрада.

На сцената во центарот на „Градот на културата за 2024“ прозвуче македонска патриотска музика во изведба на познатите македонски интерпретатори, благодарение на проектот на  „Сендеровски продукција“. 

Публиката со овации ги следеше познатите македонски народни евергрини: „Послушајте патриоти“, „Ако згрешам нека изгорам“, „Ја излези Ѓурѓо“, „Ој, Вардаре“, „Животе брате“, „Оган да го гори“, „Јовано, Јованке“, „Едно име имаме“, и „Кајшто тонеш, ти извираш“, „Налеј, налеј" и други во изведба на: Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, „ДНК“, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Бојана Скендеровски, Мина Блажев и Марија Спасовска.

Концертот се одржа во рамки на „Кривопаланечко културно лето“ и манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“, а настанот го следеше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој на покана на градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, беше гостин на градот во текот на целиот ден и оствари повеќе работни средби во институциите од областа на културата во општината, а го посети и манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“. ид/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан