• четврток, 19 декември 2024

Конференција: Државата да се фокусира на зелената дигитализација и одржливите дигитални инфраструктури

Конференција: Државата да се фокусира на зелената дигитализација и одржливите дигитални инфраструктури

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) – Национален приоритет е да се креираат планови и патокази за дигитална трансформација и да се финансираат иницијативи за дигитализација на претпријатијата. Важно е државата да се фокусира на зелената дигитализација и на создавање еколошки одржливи дигитални инфраструктури, беше речено на денешната конференција „Go Green: Обезбедување дигитална еколошка одржливост“. 

Конференцијата ја организира Бирото за регионален развој во рамки на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“, финансиран од ЕУ во рамки на Interreg Balkan Med Program 2014 – 2020, а се спроведува од октомври 2021 година, со финансии од Балкан Мед програмата на Европската Унија. 

-Ова е прв иновативен пилот проект кој што се спроведува во Северна Македонија. Во рамки на проектот мапиравме, даваме анализа и опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето на мерките за зелена дигитализација, фокусирана проценка на земјата, извештај за идентификација на ресурси и мерки. Оваа Конференцијата има цел да обезбеди дигитална еколошка одржливост презентирана од повеќе страни – меѓународно, национално и локално ниво, бидејќи сите заедно треба да придонесеме до зелена дигитализација, рече директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.

Министерот за локална самоуправа самоуправа, Ристо Пенов истакна дека дигиталната трансформација е глобален тренд и оти мораме да го фатиме чекорот.

-Предизвиците за јавниот сектор се големи. Ме радува фактот дека постои свесност за потребата од подинамична трансформација на начинот на управување со процесите. За тоа се потребни нови алатки, но и знаење. Со поддршка од Европската Унија, Бирото за регионален развој го прави токму тоа. Очекувам преку вакви проекти да продолжи трендот на прилагодување и побрза трансформација и на јавниот и на бизнис секторот и наше целосно прилагодување на целите на ЕУ и на глобалните развојни цели на ОН, рече Пенов. 

Во рамки на конференцијата се одржаа и две панел дискусии на тема „Компјутерската моќ станува зелена – Go Green“ и „Предизвици за примена на зелена дигитализација во приватниот и општествениот сектор“. 

На конференцијата беше истанато дека дигиталните технологии, како што се вештачката интелигенција, 5G, IoT, cloud и edge computing, исто така, имаат капацитет да ги забрзаат и максимизираат ефектите од еколошките политики. Новиот пристап што го усвојува овој проект се однесува на мониторинг, проценка и промоција на TWIN инвестициите. Дигиталната трансформација не се промовира изолирано, туку се гледа под објективот на зелениот развој.

Како што објасни Даниела Цветаноска, проектен менаџер, главна цел на проектот е да го промовира усвојувањето на интегрираниот пристап и рамка за создавање комбинирани зелени и дигитални иницијативи за трансформација на национално и транснационално ниво. Тоа, посочи таа, ќе доведе до „позелено“ функционирање на дигитални инфраструктури кои користат центри за податоци. 

-Во рамки на проектот се мапираа актуелните трендови и состојби во однос на иницијативите за дигитална трансформација, се анализираа и се даде опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето мерки за зелена дигитализација во Република Северна Македонија, се креира фокусирана проценка на земјата за зелена дигитализација во Република Северна Македонија. Проектот придонесе до стручни наоди за сите теми и дополнително, кои ќе бидат достапни за сите граѓани со Барометарот кој што е во фаза на подготовка, информира Цветаноска. 

Проектот се спроведува со партнери од Грција, Албанија, Кипар и Бугарија, а е финансиски поддржан е од Балкан мед програмата 2014 – 2020. лв/нд/

Фото: Биро за регионален развој 

Остани поврзан