Комисиската расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка продолжува утре
- Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата седницата за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка ја продолжува утре.
Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата седницата за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка ќе ја продолжи утре.
Членовите на Комисијата и на денешното продолжение, како и на првата седница одржана за оваа точка на 25 јануари, не го утврдија дневниот ред со единствена точка - утврдување на предлог за избор на судија на уставен суд.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ останаа на ставот дека предлогот професорката Ана Павлова Данева да се избере за нов уставен судија е партиски. Пратениците од власта, пак, оценија дека опозицијата не истакнала ниту еден издржан аргумент зошто кандидатот не би можел да биде судија.
Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје. Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).
Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија.свс/лв/
Фото:МИА