• четврток, 21 ноември 2024

Командантот на Јужноафриканската армија во посета на Москва

Командантот на Јужноафриканската армија во посета на Москва

Москва, 15 мај 2023 (МИА) - Командантот на копнените сили на Јужноафриканската армија е во официјална посета на Москва, јавија денеска руските медиуми. Посетата доаѓа по американските обвинувања дека Преторија испраќа оружје во Русија.

Како што соопшти Министерството за одбрана на Русија, генерал-полковник Лоренс Мбата и неговата делегација разговарале со руските колеги за „прашања за воена соработка“ со цел „зголемување на борбената готовност на вооружените сили на двете земји“.

„За време на состанокот на воените лидери беа постигнати договори за зајакнување на соработката на копнените сили во различни области“, додаваат од Министерството.

За време на престојот, делегацијата ќе ги посети воено-образовните институции на руските копнени сили и претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс, се наведува во соопштението.

Посетата доаѓа во време на тензии меѓу Јужна Африка и САД, кои ја обвинуваат Преторија за снабдување со оружје на Русија, која води воена офанзива во Украина повеќе од една година.

По наводите, кои ги упати американскиот амбасадор во Преторија, јужноафриканската влада вети дека ќе ги истражи наводните пратки.

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави денеска дека неговата земја нема да биде вовлечена во „натпреварот на светските сили“ околу Украина и додаде дека била под „екстремно висок притисок“ да избере страна.

Рамафоса минатата недела имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, а двајцата лидери изразија желба да ја „зајакнат“ соработката, соопшти тогаш Кремљ. паг/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан