• вторник, 24 декември 2024

Кока: Недостигаат текстови кои обработуваат теми за мултикултурализмот

Кока: Недостигаат текстови кои обработуваат теми за мултикултурализмот

Скопје, 20 мај 2021 (МИА) - Се помалку се, недостигаат и се ретки сториите, прилозите, анализите или какви да се новинарските жанрови кои обработуваат теми за мултикултурализмот. Напротив, се уште се присутни текстови кои придонесуваат за се поголема раздвоеност и се вистински ризик за соживотот и мултикултурализмот во земјата, рече Фиљана Кока, заменик претседател на ЗНМ и новинарка во МРТ на денешната панел дискусија на ЦИВИЛ, „Мултикултурализмот и европските вредности во медиумите“.

Според неа, секој го покрива настанот од аспект на интерес на заедницата на која и припаѓа, заобиколувајќи ги основните стандарди и норми на професијата кои пред се произлегуваат од Кодексот на новинари.

-Ако согледуваме по етничкиот состав, медиумите како да ги пресликуваат по својот состав политичките партии, па се строго поделени со кадар од иста етничка припадност со мали исклучоци на јавниот сервис, Алсат М итн. Факт е дека може на прсти да се избројат оние кои работат во медиум на јазикот на една етничка заедница, а и припаѓаат на сосема друга, смета Кока.

Додава дека новинарот често доаѓа во искушение, но, според неа, секогаш треба да се води само од Кодексот, професионалните стандарди и етичките норми и да се издигне над себе си и својата припадност. Тогаш, како што вели, „се негово останува зад јавниот интерес и јавното добро во чија служба треба да е поради својата огромна општествена одговорност“.

- Во земјава се изречени само пет пресуди за јавно искажан говор на омраза, за жал пренесуван од медиумите, при што медиумите индиректно учествувале и ова не е се уште кривично дело, а од друга страна е погубно што институциите се уште не го препознаваат говорот на омраза, смета Кока.

Уредничката во Медиумската информативна агенција Ана Цветковска која беше една од панелистките на дебатата, истакна дека медиумите генерално промовираат европски вредности,  но ги промовираат декларативно, а европските вредности, како што нагласи, подразбираат мултикултурализам и негово почитување.

-Во реалноста сведоци сме дека собоено на социјалните медиуми, има чести случаи на говор на омраза, кои не го поттикнуваат или унапредуваат мултикултурализмот, туку напротив ги потхрануваат поделбите. Ние како МИА на некој начин сме браникот кој треба да спречи понатамошна бура во тоа развивање на тие напади кои поттикнуваат говор на омраза по различни основи, рече Цветковска.

Таа сподели дека конкретно во МИА, отсекогаш постоеле редакции кои ги застапувале вестите на заедниците.

 -Можам да кажам, тоа се двете поголеми заедници, македонскиот и албанскиот сервис, но не постои, особено изминативе три, четири години, стриктна поделба меѓу тие две редакции, вели Цветковска, додавајќи дека како национален сервис се обидуваме таа мултикултурност да ја поврземе во целина.

Додава дека и во македонската редакција работат Албанци, и обратно и оти МИА и во иднина ќе оди во насока на одржување на тој пристап.

- Ние се обидуваме да бидеме браната кон останатите медиуми кои треба да го прифатат тој стандард на мултикултурно и заедничко работење на редакциите, бидејќи пред се, без разлика на етничката припадност, ние сме граѓани на оваа држава и тоа е вистинската европска вредност, нагласи Цветковска.

Елида Зулбеари, уредничка на Порталб смета дека нашиот систем е така граден, етничките заедници да не се мешаат.

-Системот така е граден, две-три етнички заедници не се мешаат многу и немаат знаење едни за други, а стереотипите кои се појавуваат на социјалните мрежи тоа само го потврдуваат. Тие новинари кои доаѓаат од таа средина, ќе работат во тој медиум кој е моноетнички. Ќе продолжат да го потврдуваат тоа во кое веруваат. Нема толеранција и нема разбирање поради фактот дека не го знаат јазикот и не знаат едни за други, вели уредничката на Порталб на панелот „Мултикултурализам и европски вредности во медиумите, рече Зулбеари. мс/ац/

 

Остани поврзан