• вторник, 05 ноември 2024

Ковачевски: Тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите

Ковачевски: Тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во пресрет на парламентарните избори на 8 мај, денеска порача дека „тој што не може да формира влада изгубил на изборите“ бидејќи, како што рече, влада се формира со минимум 61 пратеник.

-Прво, тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада. Јас знам како изгледа формирање на влада, треба да имате 61 пратеник минимум за да формирате влада. Полека, па ние сме во избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај нека дојде па ќе видиме, рече Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањето на националистичката реторика во рамки на кампањата, претседателот на СДСМ потенцира дека националистичка реторика не води никаде и потенцира дека овие избори се за иднината.

-Јас веќе ги имам осудено изјавите и на г. Ахмети во однос на несоодветното скандирање на плоштадот „Македонија“ бидејќи тие се анахроно скандирања кои не враќаат 20 години наназад во едно закопано минато којшто сме го надминале со Охридскиот рамковен договор, што сме го надминале со членството во НАТО благодарение на СДСМ и кое што сме го надминале со отпочнувањето на преговорите со ЕУ повторно благодарени на СДСМ и исто така упатив порака и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и до претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска дека националистичка реторика не води никаде, рече Ковачевски, кој е носител на кандидатската листа за пратеници на Коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборн аединица.

Дополни дека овие избори не се за враќање назад кон минатото, туку се за иднината и оти не се за изолација, туку за интеграција во ЕУ бидејќи, нагласи, изолација може да значи изолација и внатре во рамки на етнички заедници што ќе значи  изолација и од соседите и што ќе значи изолација финална и на државата од европските процеси.

Како што изјави Ковачевски, СДСМ останува единствената политичка опција која се бори за мултиетничко општество и за рамноправност на сите граѓани без разлика на нивната припадност по кој било основ и за интеграција на државата во ЕУ. фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан