• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски- Рот: Цврста поддршка од Бундестагот за евроинтегративниот процес, уставните измени ќе ја обезбедат европската иднина на Северна Македонија

Ковачевски- Рот: Цврста поддршка од Бундестагот за евроинтегративниот процес, уставните измени ќе ја обезбедат европската иднина на Северна Македонија

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Претстојниот процес на усвојување на уставните измени, како и повеќе актуелни теми, биле во фокусот на разговорите на денешната средба на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски со претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот, Михаел Рот.

Како што соопштија од Секторот за односи со јавноста на Генералниот секретаријат, претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот, Рот ја потврдил цврстата поддршка на Германија за Северна Македонија на патот на евроинтеграциите и оценил дека сега е време државата да продолжи одлучно напред се до исполнување на стратешката цел-членство во Европската Унија.

- Северна Македонија треба да ја препознае важноста на историскиот момент пред којшто се наоѓа и затоа од пресудно значење е да се направи исчекор во евроинтеграцискиот процес кој за граѓаните ќе обезбеди сигурна европска иднина, се вели во сопштението.

Рот потенцирал дека Германија гледа на Северна Македонија како неизоставен дел од Европската Унија, земја чии аспирации и напредок заслужено треба да бидат наградени со членство во големото европско семејство.

На состанокот, премиерот Ковачевски изразил огромна благодарност за долгогодишната континуирана поддршка од Германија, поздравувајќи го носењето на Резолуцијата која ја донесе германскиот Бундестаг за Северна Македонија.

Подвлекол дека длабоко ја цениме Резолуцијата на германскиот Бундестаг со којашто се потврдува недвосмислената поддршка на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ со сопствен македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од европскиот мозаик.

- На средбата, беа препознаени и поздравени напорите на Владата на Република Северна Македонија во имплементација на реформските процеси во насока на подобрување на состојбите во сите сфери на општественото живеење, соопштија од Владата.

На средбата било потенцирано и дека треба да постои свесност кај сите парламентарни политички партии за обединување околу исполнувањето на заедничката стратешка цел- членството на Северна Македонија во Европската Унија бидејќи тоа ќе донесе безбедна и проспертитетна иднина за сите граѓани. цр/нд/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан