• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски пристигна во Софија, заедно со владината делегација пречекан со највисоки државни почести

Ковачевски пристигна во Софија, заедно со владината делегација пречекан со највисоки државни почести
Софија, 24 јануари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи владината делегација во официјалната посета на Бугарија, попладнево со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија. Ковачевски и владината делегација официјално беа пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков. Двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот војник, јави известувачот на МИА од Софија. За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои. За утре е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои и Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија „Скопје-Софија“, а по завршувањата на меѓувладината седница, Ковачевски и Петков ќе одржат прес-конференција. Во состав на делегацијата на Владата на Северна Македонија се првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресорси, Фатмир Битиќи, вицепремиерката задолжена за  политики за добро владеење, Славица Грковска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Во делегацијата се и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје. Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија. Двете влади формираа четири работни групи - за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.   Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи  меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца. ац/сп/ https://www.youtube.com/watch?v=iebMNGX1dQ0

Остани поврзан