• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Нафта има, граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации

Ковачевски: Нафта има, граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации
Скопје, 4 март 2022 (МИА) - Во Република Северна Македонија нема никаква криза со бензин, бидејќи ние со нафтени деривати претежно се снабдуваме од Грција. Сакам да апелирам до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации, бидејќи во државата има доволни количини енергенти. Сакам да апелирам и до трговците да не шпекулираат со ограничување на количината за продажба на нафтени деривати на бензинските пумпи, вели премиерот Димитар Ковачевски. - Дел од трговците ги ограничуваат количините за точење со цел да ги зачуваат набавените залихи од шпекулативни причини, а тоа е класично воено профитерство, рече Ковачевски на гостувањето во „Утрински брифинг“, посочувајќи дека за состојбата се известени институциите, а пазарната инспекција  уште вчера беше излезена на терен. Ковачевски посочи дека државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви, што беше соопштено и по состанокот на Советот за безбедност што се одржа минатата недела. - Ние секоја година увезуваме дел од брашното и житото од Србија во рамките на трговските договори. Го зголемивме производството на жито во државата и имаме доволни количини кои се преработуваат во мелничарската индустрија, додаде премиерот. На прашање во врска со трговска размена со Украина и Русија, Ковачевски вели дека ние имаме многу мала трговска размена со овие две земји и дека државата ќе им помогне на компаниите кои увезуваат суровини од Украина и кои треба да се свртат кон други пазари. - Ние работиме на пакет мерки кои се однесуваат на енергијата и храната со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Засега имаме најниска цена на енергенсите, а во однос на цените на храната донесовме мерки за ограничување на цените и ограничување на маржата. Имаме и социјални пакети за енергетска поддршка на ранливите семејства. Ја покачивме минималната плата па сега со две минимални плати може да се покрие синдикалната потрошувачка кошничка. Привршуваме со методологијата за покачување на пензиите и верувам дека уште денес ќе имаме решение за методологија усогласена со барањата на пензионерите, вели премиерот Ковачевски за „Утрински брифинг“. Во врска со обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека СДСМ се обидува да ги подели Македонците на проруси и контраруси, премиерот Ковачевски вели дека таквите обвинувања се без никаква основа.
- Тие обвинувања се без никаква основа. Македонската Влада, СДСМ и коалициските партнери имаат јасен став дека го осудуваме нападот на Русија врз Украина и го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина. Северна Македонија е ченка на НАТО и ја поддржуваме таа политика, а се приклучуваме и кон меѓународните економски санкции. ВМРО-ДПМНЕ треба да размисли зошто се во коалиција со партијата Левица, која е на страната на Русија. Тие го делат народот по партиска и етничка основа. Не поднесуваат извештаи пред народот, туку пред нивниот партиски лидер, вели премиерот Ковачевски. дма/ац/

Остани поврзан