Ковачевски: Владината коалиција е стабилна
- Владината коалиција е стабилна и има 65 пратеници. Нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии кои имаат одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, но на главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел, оцени лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред почетокот на првата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“ на тема „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.
Скопје, 14 мај 2023 (МИА) – Владината коалиција е стабилна и има 65 пратеници. Нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, но на главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел, оцени лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред почетокот на првата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“ на тема „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.
-Партијата ДОМ имаше изјава во однос на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ практично е првата партија која тој модел го стави во својата програма и која кажа дека се застапува за него. Од тоа не сме отстапиле и затоа е формирана комисија за ревидирање на изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за едена изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на трибината што се одржува во скопското кино „Милениум“.
Низ една таква дискусија, додаде, треба да произлезе финален консензуален закон.
-Истото се однесува и на другите политички партии. Знам дека ВМРО НП уште од почетокот имаше прилично конзистентен став во однос на одредени други закони, но тоа никако не влијае на генералните правци на Владата, посочи Ковачевски.
Во однос на Достоинство рече дека има исклучителна почит за нивниот претседател и за членовите на партијата.
-Ќе разговараме и во однос на законските решенија што ги предлагаат и нивната усогласеност со другите. Секогаш може да се изнајде заедничко решение, потенцира Ковачевски.вј/мч/
Фото: МИА