• понеделник, 23 декември 2024

Книжевницата Сарџоска на поетски фестивал во Риека

Книжевницата Сарџоска на поетски фестивал во Риека

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - На покана на Друштвото на хрватски писатели, македонската книжевница Наташа Сарџоска учествуваше на литературниот фестивал „Пријатели на книгата“ во Риека, заедно со бројни поетски имиња од регионот.

Таа во текот на месецов настапи со свои песни на македонски и на хрватски јазик, во македонскиот културен центар „Илинден“ каде што воедно ѝ беше врачена награда за поетска книга објавена надвор од Хрватска за делото „Часови по измама“ во издание на Издавачки центар „Три“. Наградата ѝ ја врачија Валерио Орлиќ и Ерни Џиганте Десковиќ. 

Ова е шеста нејзина поетска книга, а по романот првенец „Трамонтана“ наскоро ќе излезе од печат и нејзиниот втор роман кај истоимениот издавач. За оваа наградена поетска книга, Виолета Танчева Златева ќе напише:

-И кога ни се чини дека имаме сè, уште зјаат многу празнини во нас што пекаат за пополнување. Каде да ги најдеме „неистражените предели“ со кои можеме да ги населиме? Во себе да ги бараме или во светот за кој немаме чувство дека сосем му припаѓаме? И по кој пат да тргнеме кон нив – по тесната и длабока патека на душата или по широкиот друм на материјалниот свет опкружен со илузии, неискреност и „часови по измама“? Но можеби уште поважно е на тој пат да не се изгубиме себеси, вели Танчева Златева. вг/са/

Фото: Наташа Сарџоска

Остани поврзан