• понеделник, 23 декември 2024

Клонот на детската градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел 1 во завршна фаза на градба, се очекува од септември да згрижува нови 120 дечиња

Клонот на детската градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел 1 во завршна фаза на градба, се очекува од септември да згрижува нови 120 дечиња

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) – Нови 120 дечиња од почетокот на наредната учебна година во септември ќе бидат згрижени во клонот на детската градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел 1 чиј објект е во завршна фаза на градба, најави градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски кој заедно со техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска изврши увид во градежните активности за доизградба на објектот на детската градинка.

-На објектот кој е во завршна фаза има уште некои работи кои треба да се финализираат со што ќе имаме нов капацитет за сместување на 120 дечиња во предучилишна возраст. Очекуваме оваа градинка да започне со работа уште на почетокот на наредната учебна година, некаде во текот на септември. Со тоа во голем дел ќе се растовари листата за чекање за упис во градинка на територијата на општина Бутел, изјави Костовски по обиколката на објектот.

Тој нагласи дека е во тек активен тендер за изградба на нова градинка во населеното место Бутел 2 со што, како што кажа, за време на еден мандат ќе се започнат и завршат две нови градинки и целосно ќе биде решен проблемот со згрижување на децата во предучилишна возраст.

Како голем горлив проблем го посочи недобивањето согласности за вработување на нови кадри во градинките во општина Бутел иако дел од неопходните кадри веќе се отидени во пензија.

-Иако неколку пати алармиравме властите немаат слух за овој проблем. Во моментов имаме 28 согласности по основ на пензионирање кои ни се заглавени во лавиринтите. Апелирам Министерството за труд и социјална политика (МТСП) повторно да се обиде и да се вразуми министерот за финансии да даде согласност за нови вработувања, бидејќи во градинките еден воспитувач ќе има многу поголем број на дечиња за кои треба да се грижи. Општината се обидува да излезе во пресрет и ангажира лица со минимална плата кои немаат мотив со таква плата да работат. Тоа не е решение, посочи Костовски.

Техничкиот министер Велковски, пак, нагласи дека со сличен проблем се соочуваат и другите општини во земјава кои иако доставиле барања за согласност за вработувања на нови кадри во градинките во МТСП како ресорно министерство кои биле препраќани во Министерството за финансии или во најголем дел добиле негативни одговори, или, пак, воопшто не добиле одговор. Ќе се обиде, како што кажа, во периодот на техничка Влада да се надмине проблемот колку што ќе им дозволат можностите.

-Таков е и случајот во општина Бутел каде само во 2023 година над десеттина согласности се добиени како негативни од Министерството за финансии, а за останатите барања или се во лавиринтите на МТСП или воопшто не се добиени одговори од Министерството за финансии. Со тоа, кадарот кој по природен пат заминал од работните места не може да биде заменет со нов и во групите во градинките во општина Бутел има над 30 до 35 дечиња за кои се грижат само еден или двајца стручни работници – негувателки и воспитувачки, рече Велковски.  

Нагласи дека повеќе од 5.000 дечиња во земјава се на листата на чекање за упис во градинки и додаде дека разговарал со градоначалникот Костовски повторно да испратат барање за вработување на неопходните кадри во градинките во Бутел.

-Ние ќе ги процесираме листите до Министерството за финансии и ќе апелираме до нив да ги дадат согласностите за да може нормално да функционираат градинките. Ќе се грижиме за детската заштита и тоа ќе ни биде врвен приоритет и после 8 мај, бидејќи проблемот со кој се соочува општина Бутел со просторни и кадровски услови е нешто ќе ни биде предизвик во следниот период да се надмине. Се работи за кадар од кој дел е пензиониран и заминат од работните места, но за жал во изминативе години власта не нашла решение и модел луѓето кои заминуваат  од своите места по природен пат да бидат заменети со нови, потенцира Велковски.вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан