Кирков: Државата мора да најде трајно и системско решение за бездомните кучиња
- Стефан Кирков, кинолог, активист и сопственик на одгледувачница за Француски булдог, на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Законска регулација на урбано чување на миленици, нужност и потреба“ вели дека во државата владее една хаотична ситуација со бездомните кучиња и поради тоа граѓаните не се чувствуваат безбедни во своите места каде што живеат, додавајќи дека мора да се изнајде системско и трајно решение за овој децениски проблем.
Скопје, 22 април 2023
Стефан Кирков, кинолог, активист и сопственик на одгледувачница за Француски булдог, на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Законска регулација на урбано чување на миленици, нужност и потреба“ вели дека во државата владее една хаотична ситуација со бездомните кучиња и поради тоа граѓаните не се чувствуваат безбедни во своите места каде што живеат, додавајќи дека мора да се изнајде системско и трајно решение за овој децениски проблем.
-Понесени од последните случувања кај нас од немилите настани кои се случија, потребата да се одржи ваква панел дискусија со експерти од оваа област сметаме дека е нужна. Владее една ситуација каде што имаме зголемен број на бездомни кучиња и нашите граѓани се навистина изложени на постојани напади и се чувствуваат во своите градови каде што живеат небезбедно, затоа што бездомните кучиња се собираат во глутници и буквално не постои законска регулација со која би се решил оној децениски проблем кој го имаме со бездомните кучиња општо на целата територија на Македонија, истакна тој.
Кирков додаде дека додека владее хаос по улиците, општините се соочуваат и со големи финансиски загуби од буџетите кои се исплаќаат на граѓаните како обештетување од искасани бездомни кучиња, потенцирајќи дека и јавното претпријатие Лајка е натрупано со извршни решенија по овој основ.
Владее навистина еден хаос по улиците, а од друга страна пак имаме огромни финансиски средства кои што се одлеваат од буџетите на општините и градовите, кои потоа граѓаните ги тужат овие институции и си бараат соодветно обештетување бидејќи биле нападнати од бездомни кучиња, и сето тоа е на товар на буџетот на овие институции и буквално се наоѓаме во ситуација каде што ЈП Лајка е натрупано од извршни решенија од граѓани кои го тужат јавното претпријатие, додаде Кирков.
Околу бездомните кучиња се сложуваме дека не ги сакаме на улица и дека државата мора да најде трајно и системско решение, смета Кирков.
Билко: Лајка не го решава проблемот со кучиња, потребно е системско и трајно решение за да се реши овој проблем
Снежана Билко, самостоен активист за права на бездомните кучиња на денешната панел дискусија ,,Законска регулација на урбано чување на миленици, нужност и потреба" зборуваше за ситуацијата со уличните, бездомните кучиња во Скопје каде јасно потенцираше дека ваквата ситуација е крајно алармантна.
-Ситуација е алармантна, многу е трагична во Скопје. Во Скопје има безброј улични кучиња, во секоја населба. Неодамна се преселив во нова населба и можам да направам споредба со старата каде што живеев, и ситуацијата е иста многу има бездомни животни. Гледам постои Лајка, гледам, следам што се случува, дали нешто се решава, но гледам дека нема никакво одење напред, гледам дека нема решение и гледам дека само се множат, така што цело Скопје ни е преплавено. Јас истото мислење го имам за сите градови низ Македонија, но еве за Скопје ќе се задржам, преплавено ни е Скопје од бездомни кучиња, рече таа.
Билко во текот на своето обраќање се осврна и на убиствата на овие бездомни кучиња.
-За жал сведоци сме наназад, јас одам на сите можни протести на се што ќе стигнам, се уклучувам и во живо на мојот фб профил, секогаш говорам за труењата, за убиствата. Денеска случајно или не, ми излезе на меморис поточно сеќавање пред 3 години се случило убиство во Виница, убиство на неколку кучиња, и сметам дека свеста на народот е на премногу, премногу ниско ниво. И народот се доведува до една фаза каде што сам сака да се справи со бездомните кучиња, го зема решението во свои раце, кажа Билко.
Таа во врска со проблемот со бездомните кучиња посочи дека потребно е овие кучиња да се тргнат од улица и на хуман начин да се изнајде решение за нив.
-Јас сум голем љубител на кучиња, вдомив 3 кучиња од улица, јас лично сум била во ситуација, каде што не сум била нападната, но ете не бркале уличните кучиња дали дека сум била со моите кучиња, не знам и не било воопшто пријатно. И ние сакаме да се тргнат тие кучиња од улица, но со хуман третман, на хуман начин да се најде решение, вели Билко.
Во врска со Лајка која треба да води грижа за бездомните кучиња укажа дека Лајка воопшто не прави ништо за да се надмине овој проблем.
-Јас бев првата која што се прерадував кога се отвори Лајка, бев многу радосна и среќна и видов дека не се наоѓа никакво решение. Јас тоа го замислував дека кога ќе се отвори Лајка дека веќе нема да имаме бездомни кучиња, ама сфатив дека сум била во заблуда. Значи апсолутно не се решава така проблемот залови, кастрирај, стелизирај, врати на место. Што правиме со тоа? Ништо. Кучето е повторно на улица, повторно ќе дојде некое друго, повторно ќе се појават кучиња кои не се стерилизирани, се размножуваат и така секојдневно, заклучи таа.
Билко во врска со овој проблем со бездомните кучиња предложи решение каде секоја општина треба да има прифатилишта за тие кучиња и општината ќе треба да одвои буџет за да може овие кучиња да се одгледуваат.
-Јас сметам дека мора да се изнајде трајно решение, системско. Јас лично тоа го имам како предлог замислено да секоја општина си направи стационари-прифатилишта каде што тие бездомни улични кучиња ќе бидат сместени, ќе си имаат хуман третман, ќе си бидат нахранети, уредно чувани, да се прават огласи и да се вдомуваат тие кучиња. Другите кои ќе останат да се одвои буџет и со тој буџет да може да се одгледуваат т.е ќе се грижат тие стационари за ти кучиња кои се внатре. Тоа е некој буџет кој секоја општина мора да го одвои и да каже ова е за бездомните улични кучиња и сите ќе бидат среќни и граѓаните слободно ќе шетаат, додаде Билко.
Дамески: Вината за состојбата со бездомните кучиња е кај неодговорните сопственици - мора да се направат измени во законската регулатива кои ќе содејствуваат со актуелната ситуација
На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Законска регулација на урбаното чување на миленици, нужност и потреба“ свое обраќање имаше и меѓународниот кинолошки судија, д-р Панче Дамески кој истакна дека виновници за актуелната состојба со кучињата скитници се неодговорните сопственици, а за решавањето на овој проблем тој наведе дека треба да има измени во законската регулатива кои ќе содејствуваат со актуелната ситуација во Македонија.
„Дефинитивно проблемот со кучињата скитници е кај луѓето. Не се самите животни проблем и тие не по своја вина се нашле како бездомни кучиња кои бараат и се борат за свој опстанок. Проблемот е во неодговорните сопственици кои не обрнуваат внимание на домашните миленици кои ги имаат тука и доаѓа до неконтролирано размножување на тие кучиња, оставање на малите кучиња и за жал тој проблем го имаме скоро во сите општини. Се спомна Скопје но јас можам да посведочам дека и во Прилеп во целата општина имаме неколку стотина кучиња кои се бездомни и кои се реална опасност и голем проблем за самата општина. Дефинитивно нешто треба да се измени во делот на законската регулатива, не дека не е добра, имаме ние многу добра законска регулатива. Имаме закон за благосостојба на животните каде што се имплементирани најголем дел од европските регулативи за тоа како треба да се однесуваме ние со овој проблем, меѓутоа за жал не се почитува, а дефинитивно немаме ниту можност за почитување на ова законско решение. Мораме да направиме некои измени кои што ќе бидат поблиски и ќе содејствуваат за актуелната ситуација која што ја имаме денеска во Македонија“, истакна Дамески.
Тој исто така додаде дека ЈП Лајка е позитивен пример, но нејзиниот капацитет не е доволен за град како Скопје каде бројот на кучињата скитници е неколку илјади.
„Сум имал прилика да го посетам јавното претпријатие и да ги видам просториите и можам да кажам дека според мене е позитивен пример, меѓутоа дефинитивно капацитетот на ова прифатилиште е премал за град како Скопје каде што сигурно бројот на бездомни кучиња е во неколку илјади и не може да одговори на потребите на градот со толку мал капацитет и просторен и со екипираност со стручни лица и на крајот на краиштата и финансиски. Дефинитивно и финансиите се дел од целиот овој проблем. Од друга страна пак ако видиме колку годишно сите овие јавни претпријатија плаќаат оштети, тие средства ако ги намениме за згрижување на бездомните кучиња мислам дека многу ќе се намали овој проблем“, заклучи Дамески.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ