• петок, 22 ноември 2024

Квартаро останува верен на Јамаха, потпиша до 2026 година

Квартаро останува верен на Јамаха, потпиша до 2026 година

Герно ди Лесмо, 05 април 2024 (МИА) -  И покрај сите гласини дека Фабио Квартаро ќе се раздели со тимот на Јамаха на крајот на сезоната во Мото ГП, светскиот шампион од 2021 година во кралската класа ќе остане во јапонскиот тим до крајот на 2026 година.

Ова стана јасно откако Јамаха официјално објави дека го продолжила договорот на Французинот за уште две години. Ова значи дека Квартаро ќе помине шест последователни сезони со фабричкиот тим на Јамаха, за кој се трка од почетокот на неговата шампионска 2021 година. Пред тоа, тој помина две сезони со сателитскиот тим Петронас ЦРТ.

-Во текот на зимата Јамаха ми докажа дека имаат нов пристап и нов агресивен начин на размислување. Мојата самодоверба е висока: заедно ќе се вратиме на чело! Пред шест години ми дадоа шанса да дебитирам во МотоГП и оттогаш постигнавме големи работи заедно. Имаме уште долг пат за да почнеме повторно да се бориме за победи. Ќе работам напорно и сигурен сум дека заедно повторно ќе го оствариме нашиот сон, изјави Квартаро по повод новиот договор.

Од неговите зборови е јасно дека тој веќе верува во пристапот на Јамаха за развој на моторот. Јапонскиот бренд во последниве месеци почна да вработува луѓе и од Европа, покажувајќи дека го менува својот пристап и ќе ја развива својата машина на поинаков начин откако се забележа огромно заостанување во последните години.

А тоа што Квартаро останува во Јамаха значи дека нема да има место за Хорхе Мартин во јапонскиот тим. Како што е познато, светскиот вицешампион на крајот од сезоната ќе се раздели со Прамак Дукати и ќе сака да замине во фабрички тим, но се уште не се знае кој. Една од опциите беше Јамаха, но изгледа дека тоа нема да се случи. дс

Фото: Твитер

Остани поврзан