• недела, 22 декември 2024

Каратистите на прием во Агенцијата за млади и спорт

Каратистите на прием во Агенцијата за млади и спорт
Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Македонските карате репрезентативци кои имаа забележителни резултати изминатиот викенд на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21) во Будимпешта, денеска беа примени од директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски. - Нашите каратисти не претставија на највисоко ниво. Освоивме два бронзени медали, две петти и две седми места. Имавме одличен настап. Тоа покажува дека и понатаму продолжуваме да имаме сериозен континуитет на големи натпреварувања. Каратето останува еден од најуспешните спортови во нашата држава, изјави Каевски. Тој вети и понатаму поддршка за македонските репрезентативци кои остваруваат значајни резултати на меѓународна сцена. Селекторот на кадетско-јуниорската репрезентација Александар Кузмановски е задоволен од тоа што неговите избраници го покажаа на ЕП. - Испишавме уште една историја во македонското карате и воопшто во македонскиот спорт. Каратистите достојно ги бранеа боите на нашата држава на ова ЕП. Освоените медали покажуваат дека имавме одличен настап, изјави Кузмановски. Бронзените медали ги освоија Роберто Ацковски во конкуренција на помлади сениори (У21), категорија -67кг и Бојан Костов во категоријата кумите -55 кг. зс/

Остани поврзан