• сабота, 06 јули 2024

„Кантон 6“ дел од 12-то издание на „Катовице ЏезАрт Фестивал“

„Кантон 6“ дел од 12-то издание на „Катовице ЏезАрт Фестивал“

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Електро-џез-етно составот „Кантон 6“ минатиот месец настапи на 12-то издание на „Катовице ЏезАрт Фестивалот“ (12 Katowice JazzArt Festival) во Полска. Во концертната сала на Катовице Миасто Огродов, публиката имаше можност да слушне комбинација на електроника и тромбон во живо и музика инспирирана од автохтониот бит и фолклор на нашата земја. За време на концертот имаше и адекватната визуелизација од архивски снимки од Скопје и кореографирани изведби на македонски танци и ора.

„Кантон 6“ е првиот македонски состав кој настапува во рамки на програмата на овој признат фестивал, кој минатата година ја доби наградата за „Музика и заедница“ на Европската џез мрежа.

Гостувањето на „Кантон 6“ на Катовице ЏезАрт Фестивал беше поддржано од европскиот проект „МОСТ“ во програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange“) и се реализира како соработка помеѓу Катовице ЏезАрт Фестивал од Полска и Крај Вардарот Џез Фестивал од Македонија.

Токму како дел од оваа соработка, на 18 мај во Филхармонија, на четвртото издание на Крај Вардарот Џез Фестивал ќе гостува полскиот составот „Перфорто“ од Катовице.

„Кантон 6“ е пионерски музички проект кој датира од 2000-та, предвесник на техно-џез-рок кросоверот во земјава, развиен од Мирко Попов и Синиша Евтимов. Со бројни сингл и ЕП изданија, и две студиски албуми во овој состав, „Кантон 6“ се трансформира во вистинска лајв - електро атракција. „Кантон 6“ имаат фреквентна концертна активност во земјата и надвор неа. Освен на Катовице ЏезАрт Фестивал имаат настапувано и на фестивалите - Диес во Дижон, Франција, Интернационален ЏезФест во Крагуевац, Карусел фестивалот за амбиентална и етно музика во Чачак, Зеленковац Џез Фест во Босна и Херцеговина, Прилепски Џез Фестивал, ПМГ Рекордингс Фестивал, Аларма Панк Џез фестивалот во Софија. бт/нд/

Остани поврзан