• понеделник, 22 јули 2024

И покрај воведениот полициски час, бројот на загинати во студентските протести во Бангладеш се зголемува

И покрај воведениот полициски час, бројот на загинати во студентските протести во Бангладеш се зголемува

Дака, 20 јули 2024 (МИА) - Властите воведоа строг полициски час низ Бангладеш, а вооружените сили денеска патролираа низ делови од главниот град Дака за да го смират натамошното насилство по неколкудневните судири предизвикани од студентските протести против системот на квоти за работни места, во кои загинаа десетици, а стотици беа повредени, објавија американските медиуми.

Полицискиот час следеше веројатно по најсмртоносниот ден од протестите во една недела и покрај забраната за јавни собири. Според локалната телевизија „Сомои“, вчера загинале 43 лица. 

Дваесет и две лица загинаа во четвртокот додека демонстрантите се обидоа да наметнат „тотален прекин на работата“ во земјата. Во демонстрациите во вторникот и средата беа убиени неколку лица.

Локалните медиуми објавија дека околу 800 затвореници избегале од затворот во Нарсингди, предградие северно од Дака, откако демонстрантите упаднале во зградата и потоа ја запалиле. Во меѓувреме, некои клучни владини веб-страници, вклучително и централната банка на Бангладеш и кабинетот на премиерот, се чини дека биле нападнати од хакери.

Полицискиот час започна на полноќ и ќе биде отстранет помеѓу 12 и 14 часот за да им се овозможи на луѓето да купуваат основни работи, а потоа повторно воведен до 10 часот во недела.

Вчера претставниците на двете страни се сретнаа за да најдат решение. Најмалку тројца студентски лидери учествуваа на состанокот, каде што побараа реформа на системот на квоти за државни службеници, отворање на студентски домови низ државата и отпуштање на универзитетските службеници кои не успеаја да го спречат насилството во кампусите. Министерот за правда Анисул Хук рече дека владата е подготвена да разговара за барањата на студентските водачи. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан