• сабота, 23 ноември 2024

Итно ни е потребна демографска стратегија, оценува претседателот Пендаровски

Итно ни е потребна демографска стратегија, оценува претседателот Пендаровски

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Итно ни е потребна демографска стратегија, поддржана и од власта и од опозицијата, која ќе се базира врз податоците на последниот попис, но и врз проекциите за демографскиот развој до 2070-та, кои пред некој ден ги објави Државниот завод за статистика, вели претседателот на државата Стево Пендаровски. 

Како што потенцира во годишното обраќање пред пратениците, таа стратегија, начелно, треба да се состои од два елемента.

-Првиот елемент го сочинуваат активните демографски политики кои ќе го стимулираат наталитетот.  А, вториот е соочување со реалната состојба, рече Пендаровски додавајќи дека тоа значи дека треба да бидеме свесни дека активните демографски политики би дале резултати после десет, или, поверојатно, после дваесет години.

Дотогаш, смета тој, треба да се подготвиме за живот со малку ученици и вработени, а многу пензионери што подразбира дека треба да го подготвиме пензискиот систем, да ја оптимизираме здравствената заштита, да го реорганизираме образовниот систем, да започнеме интензивна дигитализација што би ги заменила луѓето таму каде што е тоа можно, и, конечно, но не и најмалку важно, да го реорганизираме безбедносниот систем во услови кога ќе почне да се намалува бројот на нови војници и полицајци.

Зборувајќи за резултатите од пописот во 2021 година, Пендаровски рече дека тие не соочиле со „нашите најголеми стравови“ и тоа за тоа колку, всушност, малку нѐ има во нашата држава.

-Резултатите го потврдија она што го зборувам со години дека најголемата закана за нашата национална безбедност и, воопшто, за иднината на Северна Македонија е демографијата. Имено, реалноста е дека сите етнички заедници се помалку во апсолутни бројки и дека ниту една етничка заедница не „загрозува“ друга, туку дека сите сме загрозени, рече Пендаровски. ев/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан