Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од почетокот на месецов
- Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од пациенти последниов месец, информираа денеска надлежните. Најчесто, помош бараат ранливите категории граѓани, повозрасните граѓани и
Куманово, 24 март 2022 (МИА) - Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од пациенти последниов месец, информираа денеска надлежните. Најчесто, помош бараат ранливите категории граѓани, повозрасните граѓани и хронично болните.
Од почетокот на овој месец, промената на дневната температура од минус во ноќните, во плус во дневните часови, пациентите се жалат на зголемен крвен притисок, срцебиење, зачестуваат и мозочните удари, велат кумановските лекари.
- Евидентираме зголемен број повици особено од повозрасната популација која тешко ги поднесува наглите промени на дневната температура. Најчесто се хронично болните, оние пациентите со опструктивно-белодробните болести, лицата со висок притисок, заболените од канцер. Кај оваа група постои потреба од палијативна нега, изјави д-р Милена Станковиќ од Итна помош Куманово.
Хронично болните треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, не смеат да ја прескокнуваат.
- Мора редовно да се консултираат со матичните лекари, за да се држат под контрола хроничните болести, вели д-р Станковиќ.
Наглите температурни разлики не ги поднесува и голем број од женската популација, која реагира со појава на вртоглавица. Доктор Станковиќ советува веднаш да се измери крвниот притисок и во зависност од резултатите да се користи соодветна терапија.
- Кога има нагло влошување со вртоглавица, повраќање тогаш интервенираме со терапија за да се ублажат симптомите, изјави докторката.
Во овој период екипите на кумановската итна помош речиси и да немале интервенции на заболени од Ковид 19. ам/цр