• петок, 22 ноември 2024

Истрага за разбојништво во Куманово против три лица

Истрага за разбојништво во Куманово против три лица
Скопје, 24 јули 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од скопско Студеничани за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „разбојништво“ предвидено во член 237 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, како што информираат од Jавното обвинителство, двајца браќа на возраст од 25 и 18 години и нивен 28-годишен роднина, го сториле делото на 23 февруари во Куманово, кога со употреба на сила одзеле поголема сума пари од едно лице од Ваксинце. Тие го чекале оштетениот пред маркет во автомобил без регистарски ознаки. - Кога оштетениот дошол до неговото возило паркирано во близина, тројцата осомничени го нападнале и го удриле по главата, нанесувајќи му повреда од која изгубил свест. Од багажникот на автомобилот тие одзеле две црни торби со пари во различни валути и апоени и тоа: 45.000 евра, 13.000 швајцарски франци, 150.000,00 денари, 60.000,00 српски динари, 40.000.00 албански леки, 100 бугарски лева, 800 хрватски куни и 300 турски лири, по што веднаш побегнале кон Скопје. На овој начин тие се стекнале со противправна имотна корист од вкупно 3.745.000 денари, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени. Судијата го прифатил предлогот на обвинителството и на осомничените им определи притвор во траење од 30 дена. ​фф/сп/

Остани поврзан