Историската комисија ќе има и Секретаријат што ќе ѝ помага во работата
- - МНР создава Секретаријат, меѓутоа повторно од луѓе коишто ќе бидат предложени од Комисијата. Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат, ќе ги подго
- МНР создава Секретаријат, меѓутоа повторно од луѓе коишто ќе бидат предложени од Комисијата. Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа. Тоа ќе биде цел Секретаријат што ќе биде во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа, рече Османи.
Тој нагласи дека иако МНР ќе ги склучи договорите со овие луѓе во Секретаријатот, ниту едно име нема да биде предложено од Министерството, туку оти чекаат од Комисијата таа да ги избере своите соработници.Османи додаде на предлог на МНР се формирала и интер-ресорска работна група, којашто ќе ја раководи тој и четири тематски подгрупи на експертско ниво, што ќе го следат процесот на имплементација на обврските што произлегуваат од билатералниот Протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Информира дека МНР веќе упатило допис до МВР околу еден случај на говор на омраза на социјалните мрежи кон граѓани што се изјаснуваат како Бугари и дека тоа е пример како ќе функционира овој дел од Договорот со Бугарија.
На новинарско прашање дали вчера историчарите на средбата во Скопје разговарале за Гоце Делчев, вели дека за ова е информиран колку и новинарите. -И јас не сум повеќе информиран за работата на Комисијата, отколку вие, бидејќи Комисијата си е автономна во својата работа и во нивните разговори, во содржината на темите. Тоа што знам е дека воопшто не стигнале да работат за Гоце Делчев, а утринава има соопштение од опозициска партија дека се договориле за Гоце Делчев. Разбирам политичка дебата, меѓутоа класични лажни вести за да се манипулираат граѓаните е опасен преседан што го воведуваме во дневно-политичкиот дискурс, оцени Османи. Ги охрабри членовите на Комисијата да бидат што поотворени со јавноста, оценувајќи дека со Секретаријатот ќе имаат можност повеќе да работат и да бидат во комуникација со медиумите. Вчера македонскиот тим во Комисијата преку соопштение информира дека тема на дводневната средба со своите бугарски колеги биле учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.– Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година, се наведува во соопштението.
Оваа дводневна средба во Скопје помина без прес-конференција или изјави за медиумите на членовите на двата тима во заедничката комисија. На оваа рунда разговори во македонскиот тим се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој лани ја напушти Комисијата. Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. нд/бак/