• четврток, 12 декември 2024

Истекува рокот на Де Вевер за формирање нова Влада на Белгија, засега без договор на повидок

Истекува рокот на Де Вевер за формирање нова Влада на Белгија, засега без договор на повидок

Брисел, 9 декември 2024 (МИА) – Утре истекува рокот што белгискиот крал Филип му го даде на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер за да се обиде да формира нова влада на Белгија, но како што засега стојат работите тој одново ќе го информира шефот на државата дека нема договор за владина колаиција.

Неколку недели по изборите за Долниот дом на белгискиот Федерален парламент, одржани на 9 јуни на кои Н-ВА освои најмногу гласови, кралот Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на франкофонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави сите партии ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколки наврати.

Според белгискиот радиодифузен сервис ВРТ, главен проблем во преговорите се се поголемите несогласување меѓу фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и валонското либерално Реформско движење (МР), како во однос на содржината на владината програма, така и на персонална основа.

На средбите меѓу делегациите на петте партии вклучени во преговорите за формирање на новата Влада – Н-ВА, МР, ЛЕ, Вуројт и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) одржани викендов се разговараше за државниот буџет за 2025 година и за реформите на пазарот на трудот, пензиската политика и даночниот систем, но, според белгиските медиуми, не биле донесени „позначајни одлуки“.

Според извори во преговарачките тимови, резговорите во текот на викендот биле „главно технички“, а на новата средба предвидена за денеска, покрај за буџетот и социо-економските реформи ср очекува и да се разговара за прашањата за безбедноста и за здравствената заштита.

Лидерот на МР, Жорж-Луј Буше поосчи дека сите се свесни оти реформите се ниопходни и дека даноците во Белгија се превисоки, но дека некои партии „се вратиле на навиките“ од актуелната „Вивалди“ владина коалиција.

- Некои заборавија дека луѓето не гласаа за „Вивалди“, рече Буше без да поосчи конкретни партии.

„Вивалди“ коалицијата ја сочинуваат МР, Вуројт, ЦДВ, валонската Социјалистичка партија (ПС), либералната Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) и двете еколошки партии – фламанската Зелени и валонската Еколо.

Лидерот на Вуројт, Конер Русо пак изјави дека дека има уште работа да се заврши, но оти „се уште имам позитивно чувство“ дека ќе биде постигнат договор.

Според новинарот-аналитичар на ВРТ, Барт Верхулст, сите партии се надеваат дека до Божик е можен договор за формирање Влада, но за да се случи тоа сите ќе мора да вложат дополнителни напори.

- Шест месеци по изборите се уште трае истата дискусија. МР не сака да слушне за нови даноци без реформи, а Вуројт сака реформи, но со дополнително оданочување на оние со многу пари, изјави Верхулст.

Тој потенцира дека проблемот не е само во содржината на владината програма, туку и за персонален однус, посочувајќи дека МР обвинува дека Русо „не се осмелува или не сака да се постигне договор“, додека Вуројт тврди дека Буше го оневозможува постигнувањето договор со тоа што „вика и вреска на состаноците“.

- Се чини дека нема шанса во вторник Де Вевер да отиде кај кралот со договор за буџетот и социо-економските реформи. Има и критики за неговите методи на работа. Тој бавно напредува, можеби за да избегне предизвикување криза, но останатите партии велат дека тоа има последици, бидејќи како може да се договорите за буџетот ако не знаете како ќе ги реализирате тие бројки, додава Верхулст.

Сепак, според пратеникот Жан-Лук Круке, еден од главните преговарачи на Посвтените (ЛЕ), видливо е дека сите партии вклучени во преговорите „имаат намера да успеат“.

Тој смета дека тоа што викендов не беше постигнат договор, не мора да значи дека сега порцесот е блокирана.

- Петте партии останаа на преговарачка маса. Она што е важно е волјата да се преговара до самиот крај, изјави Круке, изразувајќи надеж дека до пред крајот на годината ќе биде постигнат договор за формирање нова влада.

На јунските парламентарни избори Н-ВА на Де Вевер освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, ПС со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Опен ВЛД со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.   

Актуелната „Вивалди“ Влада беше формирана во октомври 2020 година 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година. сп/

Фото: МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан