• среда, 27 ноември 2024

Истекува рокот за поднесување изјава за членовите со бенифициран стаж

Истекува рокот за поднесување изјава за членовите со бенифициран стаж

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) потсетува дека на 20-ти месецов истекува рокот за поднесување Изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд. 

-Согласно закон членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од 20 април 2023 година година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 20 јули 2023 година, соопшти денеска МАПАС.

Изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство, а доколку членовите до 20 јули не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане. По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметки на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ). 

-Членовите кои нема да дадат изјава за продолжување на членство остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе го остварат правото на пензија. Членовите кои во претходните години доставиле Изјава за продолжување на членство, членството им е продолжено и нема потреба повторно да ја доставуваат истата Изјава, информира МАПАС.

Повеќе информации за бенифициран стаж и Изјавата за продолжување на членство во задолжителен пензиски фонд се достапни на следниот линк:https://mapas.mk/obrasczi-i-izjavi .лв/бак/

фото: МИА архива 

Остани поврзан