• недела, 13 октомври 2024

Иран: Не сме испратиле балистички ракети во Русија

Иран: Не сме испратиле балистички ракети во Русија

Техеран, 9 септември 2024 (МИА) – Висок командант на Иранската револуционерна гарда ги демантираше медиумските извештаи за испорака на ракети од Иран во Русија, јавија иранските медиуми.

Си-Ен-Ен и Волстрит џурнал минатата недела објавија, повикувајќи се на неименувани извори, дека Иран и испорачал балистички ракети со краток дострел на Русија.

- Ниту еден проектил не е испратен во Русија и ова тврдење е еден вид психолошка војна, изјави бригадниот Фазлолах Нозари, заменик командант на централниот штаб Катам ал-Анбија, јави иранската Работничка новинска агенција.

- Иран не поддржува ниту една страна во украинско-рускиот конфликт, рече Нозари.

Кремљ денеска не потврди дека Иран го снабдувал со проектили, како што тврдат западни извори, но наведе дека Русија развива соработка со Техеран, особено во „најчувствителните области“.

- Таквите информации не се секогаш точни, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во врска со денешната изјава на портпаролот на ЕУ Питер Стано, но не ја демантираше, пренесе Бета.

- Иран е важен партнер, додаде Песков, нагласувајќи дека двете земји ја подобриле соработката „во сите можни области, вклучително и најчувствителните“.

Стано претходно изјави дека ЕУ проценува дека сојузниците имаат „веродостојни информации“ за испорака на балистички ракети од Иран за Русија.

- Го истражуваме прашањето со земјите-членки и доколку биде потврдено, таквото доставување ќе претставува важна материјална ескалација во поддршката на Иран за руската агресија против Украина, изјави Стано за новинарите во Брисел. јт/

Остани поврзан