• понеделник, 23 декември 2024

Изабела Новотни за МИА: Јавни кастинзи и повеќе финансиски средства за развој на филмската продукција

Изабела Новотни за МИА: Јавни кастинзи и повеќе финансиски средства за развој на филмската продукција

Скопје, 19 август 2023 (МИА) - Голема чест ми е што филмот „Обичната Ели“ беше селектиран да учествува во конкуренција со сите филмови од Европа. Интересно беше да се биде во друштво со големи имиња од кинематографијата, посебно од филмската критика. Наградата беше изненадување и мило ми е кога ќе се направи добар производ, тој да се види со вистинската „диоптрија“ и да се почитува, вели во интервју за МИА актерката Изабела Новотни, која годинава ја доби наградата „Големата повелба на Леотар“, во рамки на Фестивалот на европски и медитерански филм во Требиње.

За да ја зголемиме филмската продукција, како што потенцира Новотни во интервјуто, потребни се повеќе финансиски средства, поголема транспарентност за проектите коишто ќе се работат, а кастинзите треба да бидат јавни, за секој да добие можност да се докаже. 

Таа испраќа апел до сите уредници на телевизии и портали, барем еднаш месечно да одвојат две минути и да ги почнат вестите со настани од културата и од спортот.

-Културата и спортот за мене се главните амбасадори на Македонија и апелирам сите заеднички да собереме сили и средства, за да можеме да се афирмираме и да работиме. Работата на нас ни е сè, додава актерката.

Новотни вели дека големите имиња од регионот ја сакаат македонската кинематографија и даваат искрени и позитивни критики.

- Големите имиња од регионот ја сакаат македонската кинематографија, не сакаат нас, Македонците како народ. Добро бевме примени на фестивалот и добивме искрени и позитивни критики. На тркалезните маси, од нас беа задоволни луѓе кои веќе се во осмата деценија од својот живот, а кои важат за големи филмски критичари, вели Новотни.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Годинава сте добитник на наградата „Големата повелба на Леотар“ за најдобра улога во филмот „Обичната Ели“ на Фестивалот на европски и медитерански филм што од 31 јули до 5 август се одржа во Требиње. Може ли да ми кажете нешто повеќе околу самиот фестивал, на која начин беше организиран и што претставува ова престижно признание за еден уметник? 

- Фестивалот на европски и медитерански филм се одржува 11 година по ред во Требиње. Оваа година имаше 54 филмови. Проекциите беа на три места. Организацијата беше одлична, а станува збор за фестивал кој се занимава со новини во филмската индустрија, и кој е многу значаен, односно добива големо значење во регионот и во Европа.

Најпрвин, голема чест ми беше што филмот „Обичната Ели“ влезе во селекција, односно беше селектиран да учествува во конкуренција со сите филмови од Европа. Интересно беше да се биде во друштво со големи имиња од кинематографијата, посебно од филмската критика.

Можам да кажам дека и во рамки на овој фестивал многу се учи. Човекот учи додека е жив, посебно во нашата уметност.

Наградата беше изненадување и мило ми е кога ќе се направи добар производ, тој да се види со вистинската „диоптрија“ и да се почитува.

Исто така, големо задоволство ми беше и претставувањето на нашата држава надвор, како држава која што ја негува филмската индустрија и можам да кажам дека речиси сме на истите рамки со европскиот филм.

Станува збор за краткометражен игран филм, што својата македонска премиера ја имаше пред минатата година, во продукција на Ивана Шекуткоска. Кажете ни нешто повеќе околу самиот филм? Зошто е важен и која е пораката којашто треба да стигне до гледачите?

- Сè се случи во времето кога започна ковид пандемијата. Тогаш сите се затворивме дома. Јас во тој период бев на кастинг, и после три круга, добив информација дека ја добив улогата во филмот „Обичната Ели“. Кога го прочитав сценариото, сфатив дека беше како пишувано за мене. Тоа е филм кој говори за секој од нас, обработува секојдневна тема и станува збор за проблем со кој сите ние на некој начин се соочуваме.

Конкретно, обичната Ели работи во музеј, но сака да излезе од рамките на секојднеивето, сака да биде нешто друго. Сака малку слободно да дише. Филмот „говори“ за таа двојба, дали сака и може или не може и не сака. Станува збор за таа нејзина отуѓеност. Ели живее со рибата. Рибата е нејзин најдобар пријател, но вербата дека нешто ќе постигне ја води секој ден во сè поголема неодлучност, затоа што во денешно време безгласноста, особено на нас уметниците не води назад.

Ние не дека сме молчаливи - ние работиме, гласни сме. Меѓутоа, на нас треба да ни се отворат повеќе врати, да ни се дадат крилата, да не ни се врзат, за да го кажеме тоа што го имаме на сцената или на платното.

Токму затоа, ова е комплексен лик. Лик кој нема многу дијалози, играта е најмногу со емоции и токму затоа ме допре.

Во тој период, епидемијата ми покажа дека ние не треба да се задоволиме со малку, не треба малку да ни е доволно, бидејќи тоа нè враќа назад. Ние треба да грабиме напред и да создаваме, дури и во најтешките времиња. Ако се вратиме назад низ историјата, можеме да забележиме дека вистинските уметници создавале токму во најтешките времиња. Тогаш се раѓаат најубавите дела во уметноста. 

 Какви беа импресиите на Фестивалот од проекцијата на филмот „Обичната Ели“ ?

- За време на фестивалот во Требиње имаше две проекции на филмот „Обичната Ели“. Можам да кажам дека имаше голема посетеност за време на проекциите, но и одлични критики. Публиката уживаше. Луѓето доаѓаа, ни честитаа, дури и следните два дена кога ќе ме сретнеа застануваа за да прозборат за обичната Ели. Мислам дека секој од нив се пронајде во обичната Ели. Обична, а во душата многу комплексна.

Какво чувство покажуваат големите имиња од регионот за македонските филмови? Сметате ли дека македонските филмови добиваат доволно простор на фестивалите во регионот и пошироко? 

- Проблемот е комплексен. За да се учествува на кој било фестивал, најпрвин треба да се аплицира, а секоја апликација чини од 200 до 500 евра. И ова не значи дека селекторот ќе го одбере филмот. Конкретно, за „Обичната Ели“ бевме лимитирани за аплицирање надвор, затоа што имавме малку финансиски средства. Големите имиња од регионот ја сакаат македонската кинематографија, не сакаат нас Македонците како народ. Добро бевме примени на фестивалот и добивме искрени и позитивни критики. На округлите маси од нас беа задоволни луѓе кои веќе се во осмата деценија од својот живот, а кои важат за големи филмски критичари,

Мене најголемата награда ми беше „наградата“ од публиката, од критичарите и од другите колеги кои се искрени и кои сакаат да прашат и некои работи што ги виделе, а не ги разбрале, или ги разбрале, а поинаку ги гледаат, преку својот „диоптер“. Имаше интересни разговори и тоа ми даде сила за понатаму.

Дел од државите во регионот имаат богата продукција, снимаат серии, филмови. Што е она што треба да го направиме како држава за да ја збогатиме филмската продукција?

- Потребни се повеќе финансиски средства и поголема транспарентност за проектите што ќе се работат, а кастинзите треба да бидат јавни, за секој да добие можност да се докаже. 

Јас првпат добивам ваква главна улога и морам да се заблагодарам на младата, но многу надежна режисерка Лавинија Софрониевска, затоа што одбра тема од секојдневието и затоа што веруваше во мене. Секако, благодарност и до директорот на фотографија Владо Самоиловски, но морам да потенцирам дека и јас верував во нив, во целата екипа.

Ако се верува во нешто и истото се работи со љубов, дури и со малку финансии се доаѓа до успех. 

За мене културата и спортот се главните амбасадори на Македонија и апелирам сите заеднички да собереме сили и средства, за да можеме да се афирмираме и да работиме. Работата на нас ни е сè.

Може ли да ни откриете некои ваши планови во блиска иднина? Се најавува ли нов филмски проект?

- Преговорите се во тек, но не би ги откривала плановите, бидејќи до последен момент не можеш да знаеш што ќе се случи. Секако, први ќе бидете информирани за новите проекти.

Јас би сакала да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам што ме поканивте во вашето студио, но и да апелирам до сите уредници на телевизии и портали, ако не еднаш неделно, тогаш барем еднаш месечно да одвојат минута или две, и да ги почнат вестите со настани од културата и од спортот.

Да види народот дека ние работиме, дека се што имаме да кажеме го кажуваме преку спортот, екранот и сцената, а потоа нека следат сите останати вести кои се актуелни тој ден. Барам повеќе простор и поголема застапеност за нас.

Бисера Трајковска

фото Дарко Попов

видео Андреј Бранковиќ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан