• вторник, 02 јули 2024

Инспектори за локална самоуправа влегоа во општина Штип

Инспектори за локална самоуправа влегоа во општина Штип
Штип, 5 ноември 2021 (МИА) - Виши инспектори влегоа во општините Штип и во Аеродром, како што и најави министерот за локална самоуправа, Горан Милески, за дадените свечени изјави со Република Македонија, а не со уставното име Република Северна Македонија од страна на советниците. Двајцата инспектори имаа средба со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, координаторот на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Душко Иванов и претседателката на Советот, Весна Карагунова-Кожаникова, која е избрана од мнозинството советници по дадените свечени изјави, а без да присуствуваат и советниците на СДСМ. Вишиот инспектор во државниот инспекторат за локална самоуправа, Рагим Муслиу по средбата истакна дека по направениот увид во рок од три дена ќе биде доставено решението до градоначалникот и до службите во Советот, а во кое како инспекторат ќе се изјаснат дали се валидни или не дадените свечени изјави. Муслиу посочи дека ќе направат увид во целокупната документација. Според него, нема потреба од нова конститутивна седница, а најбезболно решение е советниците да потпишат изјава со уставното име на државата. Тој се надева на соработка од страна на советниците и општината, во спротивно, посочи, можат да донесат и одлука за „забрана на пропис“, што ќе ја блокира општината се до одлуката на Уставен суд. - Нашите законски надлежности не обврзуваат и ни ја даваат таа опција ако имаме соработка со општината, прво одиме со укажување пред да се носи решение за „запирање на прописи“. Се надевам дека така ќе се постигне договор, ќе им се даде одреден рок за да се постапува со и од првата наредна седница да се смени работат, вели Муслиу. Координаторот на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Душко Иванов и денеска го повтори истиот став што го даде за МИА. Забележа дека ќе почекаат да ги видат конкретните заклучоци, а потоа ќе донесат одлука. - Откако ќе го видиме образложението и укажувањето односно текстот на самото образложение, после може да дадеме конкретна изјава, како би постапувале согласно укажувањето на инспекторатот, вели Иванов. Во 10 часот, инаку, беше закажана втората седница на Советот на Општина Штип. Со задоцнувањето од еден час почна, а советничката група на СДСМ остана на ставот дека одлуките што ќе се носат на седницата не се валидни и по паузата за координации ја напуштија седницата на Советот. Марија Рогожарска-Поповска координатор на советничката група на СДСМ истакна дека како советници не сакаат да дадат легимитет на седницата, бидејќи е спротивно на Уставот. Од Инспекторатот за локална самоуправа велат дека вакви вонредни инспекциски надзори денеска имаат во Штип и во општина Аеродром. Овие две општини не се единствени каде дел од советниците изјавите ги потпишале со Република Македонија, но како што рече Муслиу, на пример во Сопиште сите советници ги потпишале со уставното име. вдј/цр  

Остани поврзан