• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Има конкретни сигнали дека некои пратеници од опозицијата би гласале за уставните измени

Ковачевски: Има конкретни сигнали дека некои пратеници од опозицијата би гласале за уставните измени

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека има конкретни сигнали од опозицијата за поддршка на уставните измени.

-Конкретни сигнали има дека некои од овие пратеници би гласале. Процедурата е почната и ќе продолжи, истакна Ковачевски во вечерашното тв гостување на Канал 5. 

 Според него, земјава преговара со ЕУ, а не со Софија.

-Ние ги исполнуваме нашите обврски во преговарачката рамка. Еден од условите е вметнување на други делови од народи во нашиот Устав, ќе влезат и Црногорците и Хрватите и Евреите се предлог. Ова е прв пат во историјата блокадата да не доаѓа од надвор, туку од внатре, рече Ковачевски.

Тој уште еднаш повтори дека обврска на секоја политичка партија и на секој пратеник е остварување на стратешката цел на државата.

На прашањето дали ќе има 80 пратеници за уставните измени, Ковачевски одговори дека верува во остварувањето на целта и дека работи на тоа.

-Но, тоа зависи и од сите пратеници. Ова е моментот кога е отворена вратата за членство во ЕУ. Не може да бидеме заложници на еден човек. Овој процес не е процес на еден човек, на една партија и една Влада. Опозицијата има можност да се приклучи на европскиот фронт, потенцира премиерот.

Според него, процедурата за уставните измени е веќе почната и ќе продолжи, а поддршка има и од САД и од ЕУ. 

Прашан за средбата со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Ковачевски рече дека од американска страна беше испратена јасна, директна, силна и недвосмислена поддршка за македонското интегрирање во ЕУ. Во таа насока, како што рече, се разговарало за предизвикот што го има државата, а тоа е токму носењето на амандманите, со цел продолжување на европскиот пат и отворање на поглавјата. мч/са/

 

Остани поврзан