• понеделник, 09 септември 2024

Илјадници правници демонстрираа во Мексико Сити против судските реформи

Илјадници правници демонстрираа во Мексико Сити против судските реформи

Мексико Сити, 9 септември 2024 (МИА) – Неколку илјади луѓе, главно вработени во правосудството и студенти по право, демонстрираа вчера во Мексико Сити против најавената реформа во судството, според која судиите ќе се избираат со „гласање на народот“.

Тие се собраа неколку часа пред седницата на Сенатот на која ќе се расправа за иницијативата на претседателот во заминување Андрес Мануел Лопез Обрадор, која завчера беше усвоена од Претставничкиот дом.

- Судството нема да падне, скандираа демонстрантите додека се движеа кон Сенатот.

Шефот на државата во заминување ги обвинува судиите за фаворизирање на корупција и криминални групи и дека се одговорни за неказнивост за повеќе од 90 отсто од извршените злосторства, велат невладините организации.

Лопез Обрадор, кој ќе и ја предаде власта на Клаудија Шајнбаум на 1 октомври, исто така ги обвинува судиите на Врховниот суд дека станале сојузници на опозицијата.

Критичарите на реформата, особено САД и групите за човекови права, велат дека таа ќе ја поткопа независноста на судството со тоа што ќе ја политизира и дека шверцерите на дрога би можеле полесно да ги контролираат судиите со мешање во нивниот избор. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан