• петок, 22 ноември 2024

Илјада деца на годинешната Бадникова поворка низ улиците на Охрид

Илјада деца на годинешната Бадникова поворка низ улиците на Охрид

Охрид, 4 јануари 2024 (МИА) – Илјада деца веќе најавија учество на годинешната бадникова поворка низ улиците на Охрид, што традиционално се одржува на Бадник, ден пред големиот христијански празник Божик.

Децата низ улиците на градот ќе ја пеат возобновената христијанска песна „Вечниот Бог“, на тој начин најавувајќи ја веселата вест за Христовото раѓање.

Според најавениот протокол, поворката ќе тргне утрото во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка Мала и ќе се движи по улицата „Јане Сандански“, булеварот „Туристичка“ и низ охридската чаршија. Во 11:30 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ кај бадниковата пештера коледарчињата ќе ги пречека градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој заедно со претставници на Советот на Општината, на градските јавни претпријатија ќе ги даруваат децата со пригодни подароци.

Предводници на поворката оваа година ќе бидат уметниците Ѓоко Танески и Христијан Настоски- Пајак.

Бадниковата поворка во Охрид се одржува по 11 пат, во оргнизација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид, со поддршка на локалната самоуправа. аб/нд/

фото/МИА 

 

Остани поврзан