• сабота, 05 октомври 2024

ИКС објави повик за поддршка на медиумски продукти за разоткривање дезинформации

ИКС објави повик за поддршка на медиумски продукти за разоткривање дезинформации

3 ноември 2023 

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објавува вториот повик за медиуми за поддршка на производство на медиумски продукти за разоткривање на мотиви, наративи и/или влијание на дезинформации во општествената сфера. Со повикот се поддржуваат поединци или тимови од новинари и медиумски работници вработени или ангажирани во медиумите за изработка на новинарски содржини. Повикот се спроведува во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

За проектот

Проектот „Користи факти“ треба да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси кои ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации. Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.

Цели на повикот

Со повикот ќе бидат поддржани медиумски продукти кои предвидуваат развивање, производство и дистрибуција на програми и содржини, притоа почитувајќи ја целосната уредувачка независност. Повикот е отворен и за известување за вести и за подлабински истражувања и анализа, за сите видови медиуми и формати (веб, ТВ, радио, печатени, социјални мрежи). Предлозите кои вклучуваат подготвеност за експериментирање со нови медиумски формати се особено добредојдени.

Апликантите треба да покажат дека имаат јасен концепт за посакуваниот исход од програмите и содржините што ќе ги произведат. Тие треба да го продлабочат разбирањето и критичкото размислување кај граѓаните преку фактичко известување, истражување и визуелизирање на податоци, контекстуализирање на приказните и поттикнување на интеракција со публиката.

Предложените концепти треба:

да им овозможат на граѓаните подобро да ги разберат потеклото, мотивите, актерите и/или начините на кои се шират дезинформациите;
да опфатат нова или дополнителна медиумска продукција на висококвалитетни содржини;
да имаат аналитички пристап кон темите кои ќе бидат обработувани, презентирајќи различни перспективи и гледишта;
да имаат додадена вредност на тековната работа на медиумот.
Апликантите треба да наведат буџет за предложените концепти во износ од најмногу 92.000 денари.

Начин на пријавување

Рокoт за поднесување на концептите е до 9 ноември 2023 на е-адресата prijava@iks.edu.mk.

Апликантите треба да го пополнат образецот за концептот на ОВОЈ ЛИНК.

Апликантите кои ќе бидат избрани треба да ги произведат и дистрибуираат содржините до 10 декември 2023.

Институт за комуникациски студии (ИКС) 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ИКС 

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан