• недела, 22 декември 2024

Израелскиот Кнесет го обнови законот за забрана за обединување на палестинските семејства

Израелскиот Кнесет го обнови законот за забрана за обединување на палестинските семејства

Ерусалим, 7 март 2023 (МИА) - Израелскиот парламент (Кнесет) во понеделникот го одобри продолжувањето за уште една година на привремениот закон со кој е спречено обединувањето на палестинските семејства.

Законот се однесува на обединување на семејството и го блокира автоматското право на израелско државјанство, односно престој во таа земја за Палестинците врз основа на брак со израелски државјани, пренесува Анадолија.

Обновувањето на законот е усвоено со 20 гласа „за“ наспроти девет „против“, се наведува во соопштението на Кнесетот.

Тој закон, усвоен во 2003 година во екот на Втората интифада, палестинското востание против окупацијата, се обновуваше секоја година.

Законот главно се однесува на Палестинците кои живеат во Источен Ерусалим или Израел и кои се во брак со Палестинци од Западниот Брег или Газа. Законот им забранува на тие семејства да добиваат дозволи за престој во Израел.

Според законот, министерот за внатрешни работи не смее да даде државјанство или престој во Израел на ниту еден државјанин на Ирак, Иран, Сирија и Либан.

Според палестинските и израелските невладини организации, има илјадници палестински семејства на кои се применува овој закон. паг/

 

 

Остани поврзан