• понеделник, 23 декември 2024

Израелската војска почна да го напушта северот на Западниот брег

Израелската војска почна да го напушта северот на Западниот брег

Тел Авив, 5 јули 2023 (МИА) - Еден израелски војник е убиен во бегалскиот камп Џенин, соопшти денеска армијата која почна да ги повлекува своите сили од северниот дел на Западниот Брег по дводневната голема операција во која беа убиени 12 Палестинци.

„Вечерва е убиен подофицер на борбена должност од боева стрелба при операција против терористичката инфраструктура во кампот Џенин“, соопшти синоќа израелската армија.

Двајца сведоци за Ројтерс изјавија дека виделе конвои со израелски воени возила како заминуваат од Џенин откако ќе се стемни.

-Израелските трупи почнаа да се повлекуваат од Џенин, рече армиската портпаролка, без да даде дополнителни детали.

Истовремено, израелската армија соопшти дека од Појасот Газа врз Израел биле истрелани пет ракети, но тие биле успешно пресретнати.

„Пет ракети беа истрелани од Појасот Газа кон израелска територија. Системот за противвоздушна одбрана на израелската армија успеа да го пресретне целиот ракетен оган, се наведува во соопштението на армијата.

Во операцијата што почна во понеделникот загинаа 12 Палестинци, од кои најмалку пет борци и еден израелски војник.

Во Џенин, што беше погоден од дронови, продавниците и вчера останаа затворени, на вториот ден од операцијата во која беа мобилизирани стотици израелски војници за операции во градот и блискиот бегалски камп.

Палестинскиот министер за здравство, Маи ал-Каила, на прес-конференција синоќа израелската операција ја нарече „агресија што му пркоси на меѓународното право“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан