• петок, 22 ноември 2024

Изложба „Циклус 19 II“ на Христина Зафировска во Софија

Изложба „Циклус 19 II“ на Христина Зафировска во Софија

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија вечер, во 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Циклус 19 II“ на ликовната уметница Христина Зафировска. Изложбата е составена од сликарски дела во мал формат, насликани со акрилни бои.

Како што информира Културно-информативен центар на Северна Македонија  во Софија, „Циклус 19 II“  е второ самостојно претставување на авторката во Бугарија, која на отворањето ќе се сретне со софиската публика и ќе ја запознае со своето творештво.

- Академската сликарка Христина Зафировска, преку својот циклус од 19 дела на тема „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.  Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, пишува Билјана Галоска. 

Христина Зафировска е родена во Скопје. Завршила средно уметничко училиште на отсек применето сликарство, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насока сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за дизајн и мултимедија во Скопје, насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано во 2009 година. Исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Од 2016 година има статус на самостоен уметник кој е поддржан од Министерство за култура. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција, Њујорк и во повеќето градови во земјава. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како сликарството, графички дизајн, ѕидното сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео.

Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко. мд/

Фото: Културно-информативен центар на Северна Македонија  во Софија

Остани поврзан