• понеделник, 18 ноември 2024

Изложба на стрипови и прогласување победници од конкурсот „Преку уметност до родова еднаквост“

Изложба на стрипови и прогласување победници од конкурсот „Преку уметност до родова еднаквост“

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Во КСП Центар Јадро денеска ќе биде отворена изложба на дела пристигнати на конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“ на тема „Кое е твоето чудо?!“, организирана од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежата „Стела“.

На изложбата ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени сертификати и дипломи на сите учесници. Наградите ќе ги додели британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон.

Организаторот на настанот соопшти дека на конкурсот пристиганле  значителен број стрипови кои се во трка за престижните награди. Вкупниот награден фонд за конкурсот изнесува 85.000 денари.

Во состав на жирито кое ги оценувало стриповите се Оливер Андреевски и Теодора Милеска од НМСМ и „Стела“, Мајк Маклестер,  британски професор по англиски јазик и стрип-уметник, и Нада Прља, професионална уметница и универзитетска предавачка од областа на уметноста.

-Целта на овој конкурс е да ги прикаже различните аспекти на борбата за родова еднаквост преку уметност. Стриповите кои пристигнаа имаат мисија да поттикнат дискусии, да ги разбијат родовите стереотипи и да инспирираат промени кон поправедно и инклузивно општество. Без разлика дали се работи за лични приказни, општествени размислувања или за имагинативни наративи, учесниците ги изразуваат своите уникатни перспективи и искуства, се наведува во најавата за изложбата.

Конкурсот е дел од проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Македонија“, кој се реализира од НМСМ и Мрежата „Стела“, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Проектот е посветен на уривање на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество. хс/вг/

Фото: ФБ Центар Јадро

 

Остани поврзан