• понеделник, 23 декември 2024

Изложба на еколошка мода и дизајн „Slowscapes“

Изложба на еколошка мода и дизајн „Slowscapes“
Скопје, 29 септември 2021 (МИА) - Во Културно-социјалниот простор „Центар - Јадро“ од денеска до недела ќе се одржи изложба на македонска мода и дизајн „Slowscapes“. Изложбата ќе даде приказ во работата на современите македонски дизајнери, истакнувајќи ги нивните практитки што придонесуваат кон заштита на нашата средина и подобра иднина. Спротиставувајќи се на „брзата мода“ и прекумерното потрошување, изложбата ќе има за цел да ја едуцира и поддржи публиката да започне да консумира свесно и одговорно. Шоурумот ќе биде отворен од 29 септември до 3 октомври, а ќе функционира во периодот од 12 до 20 часот. На изложбата учествуваат: „Лудус“, Марта Пејоска, „Волатајл“, „Армма“, Ксенија Котев, Нина Нине и „Кактус“ „Лудус“ ќе ја претстави актуелната колекција за есен-зима 2021/22 со наслов „Пост-родовост IV“, четвртиот дел од серијата колекции што ја разработуваат футуристичката визија за општество без родови улоги. Колекцијата содржи рачно обоени парчиња облека на природен начин од памук, волна и волница. Мала колекција од рачно направени чевли од остатоци од кожа ја придружува колекцијата, изработена од локален занаетчија - чевлар (кондураџија). „Петте Величествени“ е jубилеен проект преточен во колекцијата накит од неоксидирачки челик. Материјалот има дополнителна трајна вредност со тоа што не ја менува својата боја и не потемнува. Исто така, има одлична способност да ја рефлектира светлината и околината. Колекцијата е 2Д приказ на тродимензионалните пет основни геометриски форми која содржи обетки, алки и ланчиња. - Уште од студиски денови ја истражувам геометријата, минималниот начин на ликовното изразување низ конструктивистичката скулптура, обземена од идеологијата на конструктивизмот низ геометрискиот баланс и прецизноста на волуменот од празниот простор кој вземно го претставуваат скулптуралното дело. Гејзерот од геометријата ме воведе во себе-запрашувањето и низ ова проникнав во Светата Геометрија. Спроведов истражување на петте основни геометриски солидни форми на Платон, Петте фамилии на Будниот и Метафизичкиот жаргон: “Целава креација е последица од манифестација на свеста низ светлина, звук и геометрија“. Истражувањето почна пред 10 години и досега произлегоа неколку проекти на самостојни изложби со скулптури и принтови, инсталации со перформанс на отворен простор, колекција светилки и колекции на накит, вели Нина Нинеска. Котев Ксенија креативно ја имплементира својата страст кон накитот уште од самиот почеток на нејзината кариера. „Colors of life“ е насловот на колекцијата со која Ксенија Котев ќе се претстави на „Slowscapes“ 4. Колекцијата е изработена од 925 сребро и полускапоцени камења. Поделена е на 7 дела и брои 21 парче накит. - Чувството на радост и инспирација може да се роди во секоја мисла, емоција и глас на интуицијата кое ги отсликува боите на животот. Ја зголемуваме свесноста на нашето вистинско, љубовно и духовно јас со прифаќањето на спиритуалниот живот кој почнува кога ќе се “родиш повторно”, вели дизајнерката. „Волатајл“ е заеднички проект на Стефан Китановиќ и Ивана Секулоска, производ на нивното ликовно, академско образование и интерес во интердисциплинарната мода. Под силно влијание на не-естетиката во денешната мода, тие создаваат рачно изработени парчиња кои наликуваат на подвижни уметнички објекти. На изложбата ќе биде изложена нивната втора „Volatile.o2 FW22“ капсулна колекција, каде што се употребени традиционални техники за кроење и во соработка со локални уметници и занаетчии создадоа небинарни родово инклузивни облеки кои се минималистички и монохроматски. Скоро сите материјали кои се искористени за капсулната колекцијата се природни, како свила, волна, памук, набавени од локални извори и при процесот на изработка и конструкција на парчињата обрнато е внимание отпадот да биде минимален. AЯMMA водена од премисата дека облеката му е потчинета на телото, е колаж од удобност и мултифункционалност која ги дестабилизира конзервативните замисли за женската естетика. „Тога Пула“ – Есен-зима 2021/22 е колекција што се движи кон иднината инспирирајќи се од минатото. Се развива врз концептот на мултифункционалност и спонтаност поттикната од римската античка облека - тогата. Тога е отворено (најчесто полукружно) парче ткаенина изработено од волна што се обвиткувало околу телото креирајќи богата драперија. Поради нејзината отворена форма, таа дава можност да се моделира врз телото на различни начини. Колекцијата е изработена по принципите на „slow fashion” како антитеза на таканаречената брза мода. Користени се природни материјали како што е волната, памукот, свилата, но и полуприродни како што е вискозата. Марта Пејоска е дизајнер и изработувач на накит - 15-на години присутна на македонската дизајнерска сцена, градејќи го својот бренд за накит, во чија основа се наоѓаат филигранската техника и среброто како материјал. 
Новите парчиња накит што ќе се изложат на овогодишниот „Slowscapes“ 4, се најава за колекцијата „Вода 2“. Тие се дел од континуираното, повеќегодишното истражување на тема Охридското езеро, поточно водата, овој пат со акцент на појавата на бранот односно промената на површината на водата под влијание на ветарот. Парчињата накит се всушност дел од развојниот концепт односно скици, скицирани директно со материјалот, односно прототипи за она што треба да следи. Накитот е изработен во сребро, со додаток на природни камчиња, собрани од брегот на Охридското езеро, кои често се присутни во накитот на Пејоска и се веќе препознатлив знак за истиот. Брендот „Кактус“ ќе го презентира најновото лимитирано издание на блузони со наслов „Yes We Can“ - омаж на жените пионери во несекојдневни сфери во минатото. Брендот започнат во 2016-тата година е спој на различните професии на дизајнерките Еми Ермилова и Сандра Мојсова, кои графичкиот дизајн и архитектурата ги пресликуваат во минималистичкиот моден дизајн. Концептот е фузија на уличниот стил и енергични бои, а во основата е изборот на квалитетни материјали кои се доработени со рачна изработка почитувајќи го локалното производство и традиција. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и КСП „Центар- Јадро“. мс/мд/

Остани поврзан