Извештај на Федералната канцеларија за заштитата на Уставот: Германија е под притисок
- Статусот на заканите е одразен во бројките што ги обезбеди Федералната канцеларија за заштита на Уставот (BfV) во нејзиниот годишен извештај за 2025 година, објавен вчера во Берлин: речиси 59.000 регистрирани кривични дела со екстремистичка заднина - зголемување од нешто повеќе од 1.100 во споредба со претходната година. Една бројка особено се издвојува: бројот на насилни инциденти се зголеми за околу десет проценти, односно на околу 3.300 случаи.
1 јули 2026
Дојче Веле
Шпионажа, кибер напади, десничарски и левичарски екстремизам, исламизам: Германија се соочува со закани и однадвор и одвнатре. Дали надлежната разузнавачка агенција е подготвена за тоа?
Статусот на заканите е одразен во бројките што ги обезбеди Федералната канцеларија за заштита на Уставот (BfV) во нејзиниот годишен извештај за 2025 година, објавен вчера во Берлин: речиси 59.000 регистрирани кривични дела со екстремистичка заднина - зголемување од нешто повеќе од 1.100 во споредба со претходната година. Една бројка особено се издвојува: бројот на насилни инциденти се зголеми за околу десет проценти, односно на околу 3.300 случаи.
Русија, Кина и Иран се особено активни
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт (ЦСУ), кој се појави на презентацијата на извештајот заедно со претседателот на BfW, Синан Селен, ја опиша ситуацијата на следниов начин: „Странските активности во Германија се во пораст. Извештаите и разузнавачките информации за подготовки за напади се зголемуваат. Бројот на екстремисти подготвени да употребат насилство расте.“
Според наодите од извештајот, најголемата надворешна закана сè уште доаѓа од Русија. Добринт го наведе како пример случајот на тројца мажи - кои оттогаш се осудени за шпионажа: „Наводно, руските разузнавачки служби им дале задача да извидуваат железници и инфраструктура и да планираат потенцијални напади.“
Десничарски и левичарски екстремизам - сè помлади на сцената
Кина и Иран се исто така детално разгледани во извештајот. Сепак, според наодите, тие земји се активни и во други области: во индустриската шпионажа, но и во заплашување на поединци од тие земји кои живеат во егзил.
Според Добринт и Селен, најголемата опасност за демократијата и социјалната кохезија во Германија лежи во десничарскиот екстремизам. Во исто време, тие истакнаа дека посебна закана е тоа што луѓето на таа сцена се се помлади, поповрзани и поориентирани кон акција. Тие претставија слична слика во однос на левичарскиот екстремизам.

Алтернатива за Германија (AfD) е во центарот на вниманието повеќе од кога било. Во таа партија, која BfV ја класифицираше како „потврдено десничарски екстремистичка“ во пет од 16-те федерални покраини на Германија, се наведува дека продолжува „идеолошката хомогенизација“, со светоглед што дефинира „концепт на народ“ врз основа на етничка припадност и потекло. Ова е спротивно на концептот на народот како што е утврден со германскиот Устав.
Таа проценка може да се види и во неодамна објавеното правно мислење на Друштвото за граѓански права (GFP). Таа невладина организација, која е финансирана од донации, заклучи, имено, дека AfD е „очигледно неуставна“. Министерот Добринт одбива да коментира понатаму за ова прашање, бидејќи неговиот кабинет, како што вели тој, сè уште го оценува извештајот.
Нови аргументи за постапката за забрана на AfD?
Федералната канцеларија за заштита на Уставот претходно состави извештај за AfD, означувајќи ја партијата како целина како „потврден десничарски екстремист“. Канцеларијата, сепак, беше принудена привремено да ја повлече таа класификација, по тужбата поднесена од AfD до Управниот суд во Келн. Конечната одлука за тој правен спор сè уште се чека.
Што мисли Добринт под „вистински разузнавачки агенции“?
„Германија е под притисок“, вели министерот за внатрешни работи Добринт, наведувајќи повеќекратни закани со кои се соочува демократијата. Сепак, како што додава, земјата е способна да се одбрани. Но, за да се стави ситуацијата поврзана со оваа закана под контрола, потребно е понатамошно градење на капацитетите - и технички и во однос на истражните овластувања. За таа цел, Добринт очекува Бундестагот што е можно поскоро да ги измени законите за да овозможи, меѓу другото, построг мониторинг на дигиталните комуникации и подолги периоди на чување на податоци.
Со овие мерки, министерот има намера да ја зајакне Федералната канцеларија за заштита на Уставот (BfV) и Федералната разузнавачка служба (BND), која работи во странство - и дека тие, како што вели, ќе станат „вистински разузнавачки агенции“.
Селен, шефот на BfV, го опишува тоа како способност за активно спроведување одбранбени мерки во иднина. Досега, на неговата агенција ѝ беше дозволено само да набљудува и следи за да собира информации за потенцијална шпионажа, саботажа или планирани терористички напади.
Агенциите сакаат „поголем простор за маневрирање“
Во другите демократски земји - а тие ги вклучуваат САД, Велика Британија и Израел - има помалку законски ограничувања. Следствено, разузнавачките агенции на Германија долго време се обидуваат да ги прошират своите овластувања - односно, велат тие, бараат „поголем простор за маневрирање“.
Што дефинира држава способна за ефикасно дејствување?
Владејачката коалиција на социјалдемократите (СПД) и христијанските демократи (ЦДУ/ЦСУ) има намера да го одобри тоа барање, преку своето мнозинство во парламентот. „Секој што ќе ја нападне нашата демократија ќе се соочи со држава способна за ефикасно дејствување“, рече пратеникот на СПД, Себастијан Фидлер. „Ние дејствуваме како безбедносна коалиција - создаваме робусни безбедносни агенции, давајќи им јасни мандати и формирајќи безбедносна архитектура способна да одговори на заканите од 21 век“.
Во исто време, критиките доаѓаат од членовите на левицата во Бундестагот: Клара Бингер, претставничката на опозициската партија задолжена за внатрешна политика, го обвинува министерот за внатрешни работи Добринт дека сака да создаде разузнавачка агенција „со полициски овластувања“. Затоа таа инсистира: „Во демократија, мерките што ги презема државата мора да бидат предмет на независен надзор и не смеат да се одвиваат во тајност“.