• петок, 22 ноември 2024

Известувањето во спортот ги обликува родовите норми и стереотипи

Известувањето во спортот ги обликува родовите норми и стереотипи
Скопје, 26 април 2022 (МИА) - Без разлика кои се твоите способности, што работиш или тренираш, кога си жена, сепак, прво си жена и тој факт често се наоѓа во преден план. Освојуваш прво место на некое големо натпреварување, а притоа не си успеала да ја бојадисаш косата, и одеднаш, твојата „лоша“ фризура станува главна вест. Рушиш рекорди, но поважни се гаќичките кои ги носиш. Покрај ранецот за тренинг, носиш ранец полн родови стереотипи, стигми и наметнати норми, а тоа тежи, обременува и го нивелира со неуспех твоето лично искуство. Спортско натпреварување, токму во овој аспект, може да се доживее на различен начин, зависно од тоа дали сте маж или жена. Кон тоа, во голема мера придонесува и јазикот што се користи за опишување на спортистите и спортистките во медиумите. Често, кога читаме вест за спортистка, ги среќаваме зборовите „нежна“, „убава“, „симпатична“, „постара“, „бремена“, „омажена“, „немажена“ и слично. Спротивно на тоа, придавките како „најбрзи“, „силни“, „големи“, „вистински“ и „одлични“, редовно се користат за да се опишат спортисти. Родовите норми и стереотипи кои се длабоко вкоренети во колективната свест се овековечуваат и зајакнуваат токму преку ова неурамнотеженото и патријархално медиумско претставување на жените и мажите во спортот. Според УНЕСКО, Олимписките игри се ретко време кога женските спортски ѕвезди добиваат свое место на насловните страници. Сепак, надвор од периодот на големите спортски настани, статистиката тврди дека иако 40 отсто од спортските учесници се жени, а спортовите во женска категорија добиваат само околу 4 отсто од целокупното медиумско покривање. Од тие 4 отсто покриеност, известувањето често се однесува на нивниот физички изглед и личниот живот, наместо на спортските способности и успеси. Во Република Северна Македонија процентуалниот сооднос на известувањето во спорт во женски категории е 20 отсто, за разлика од машките, на кои им се посветени цели 80 отсто. Ова го покажа анализата на МИА која опфати неколку федерации, телевизии и спортски веб-портали и воочи дека спортистките, ги има на терен, но не и на телевизија, за нив може да се слушне малку и тоа најчесто само на спортските веб-портали. Оваа анализа ја поттикна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да направи анализа „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“, со која прв пат се дава квантитативен и квалитативен увид во тоа колку и како известуваат националните телевизии за спортистките и спортовите во женска конкуренција, наспроти спортистите и спортовите во машка конкуренција. Анализата покажува дека на програмата на трите анализирани канали – МРТ 1, МРТ 2 и МРТ 3, доминираат тимските спортови во машка конкуренција. Востановено е доминантното присуство на мажи меѓу новинарите наспроти маргиналното учество на новинарки, како и доминација на мажите спортски работници односно спортски експерти. Приватните телевизии ТВ Алфа, ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма и ТВ Алсат-М, пак, во редовната спортска информативна програма, сметајќи ги индивидуалните и тимските спортови, имаат доминација на спортовите во машка конкуренција. Спортските експертки се речиси целосно отсутни од редовната програма на приватните телевизии, додека, ставови и анализи за спортските настани редакциите барале доминантно од машки спортски работници. УНЕСКО, со поддршка од Универзитетот Кембриџ, ја разви првата екстензија за родова еднаквост фокусирана на спортски медиуми на пребарувачот „Chrome“ наречена „Her Headline“. На оваа екстензија, воочливи се сексистички наслови од еминентни светски медиуми како Њујорк Тајмс, Ал Џезира, NBC, Телеграф, ESPN W и други. Еден од најеклатантните примери е USA Today со насловот „Новата мајка Дана Волмер освои бронза во сто метри пеперутка“, каде што успехот на петкратната носителка на златен олимписки медал и поранешна светска рекордерка е ставен во втор план. ESPN W , исто така, преку насловот „Јас го мислам тоа во позитивна насока, таа плива како машко“, споредува биолошки предиспозиции кои се недозволиви. Aljazeera, пак, со насловот „Иранската скијачка се избори за патека до Пјонгчанг“ го изоставува идентитетот на скијачката Самане Бајрами Бахер, која своевремено беше единствената жена членка на националниот тим за крос-кантри скијање. Горенаведените наслови се пример за тоа што медиумите имаат тенденција да ги претставуваат спортистките првенствено како жени, а потоа како спортисти. Во опфатот на написи за жените во спортот, често доминираат коментари за изгледот, возраста или семејниот живот, додека, мажите се прикажани како моќни, независни, доминантни и почитувани како спортисти. За тоа придонесува и фактот што во моментов, низок процент од спортските медиумски работници се жени. Бројот на жени кои се занимаваат со спортско новинарство сè уште е релативно низок, а оваа конкретна област на известување останува претежно „машка специјалност“ во земјите ширум светот. Сексуализацијата на жените во спортот се проширува дури и на она што го носат Во повеќето спортови, спортистките се облекуваат во тесни, оскудни облеки. Во нив, од жените се очекува да исполнат некаква предодредена родова улога. Во кошарката и фудбалот жените не носат тесни шорцеви или слатка облека. Меѓутоа, во тенис и одбојка, на пример, спортистките се чини дека исполнуваат две улоги, едната е облекување за натпревар, а второ, облекување за да се задоволи толпата. Понекогаш оскудните облеки ја нарушуваат вистинската цел на спортот. Единствениот спорт што изгледа навистина еднаков на модниот фронт би бил голфот во кој жените можат да носат панталони, шорцеви или здолништа. „Униформи кои продаваат секс“ се чест пример во спортските федерации. Таков пример е женската кошаркарска репрезентација на Австралија каде што кошаркарките беа принудени од сопствената федерација да носат униформи во стил на костими за капење. Некои официјални лица признаа дека униформите биле маркетиншки трик за да ги направат спортистките „што е можно посексуализирани, со цел профит“. За жал, ова не е единствената ваква приказна. Најактуелен пример е Норвешката женска екипа за ракомет на плажа која доби поддршка од целиот свет, откако натпреварувачките од тимот одбија да носат гаќички на Европското првенство во знак на протест против долниот дел од бикини, за кој рекоа дека прави да им е „многу непријатно“. Тимот, потоа, беше парично казнет. Настанот поттикна широка дебата и притисок од јавноста, со што три месеци по одлуката за казната, Норвешката федерација реши дека ракометарките на плажа повеќе нема да мора да се натпреваруваат во бикини. Сличен пример е и олимписката пара-атлетичарка Оливија Брин, на која официјален претставник на Англиското првенство ѝ кажа дека нејзините шорцеви се премногу „откривачки“ и дека треба да го преиспита нејзиниот избор на облека. На ова, Брин изјави дека е згрозена, изненадена и збунета. Неодамна, германската гимнастичарка, Сара Вос, пркосејќи ѝ на конвенцијата избра да носи целосно боди на Европското првенство во уметничка гимнастика во 2021 година во Базел, Швајцарија. Вообичаено, на гимнастичарите им се кажува да носат трико за натпревари, кои можат да бидат или со половина или со долги ракави. Со ова, Вос го покажа својот став за објективација на девојките и жените преточена во кодексот на облекување. Во 2018 година, Серена Вилијамс носеше црн целосен костум на Отвореното првенство на Франција, за да помогне во циркулацијата и да спречи згрутчување на крвта по бременоста. Според Француската тениска федерација, таа, со ова, „отишла предалеку“. Учеството на Вилијамс на Отвореното првенство на Франција требаше да биде симбол на нејзината сила. Откако едвај го преживеа раѓањето на нејзината ќерка, Алексис, помалку од девет месеци потоа, Вилијамс се врати на ВТА турнејата. Сепак, нејзиниот настап брзо се сведе на една работа – нејзината облека. Тоа што на жените им се суди според наметнати стандарди за женственост, а не според нивните атлетски способности, е симптом на поголем проблем вкоренет во општествени очекувања, од коса и шминка, до тоа колку е тесна или лабава облеката, сè до боите на облеката, за да можат повеќе да се усогласат со поимот за девојка и женственост. Родовите стереотипи најчесто се манифестираат преку ставови поврзани со изгледот Даниела Антоновска, магистер по родови студии, со 20 годишно искуство во областа на родовата еднаквост, вели дека родовите стереотипи се широко распространети  и најчесто истите се манифестираат преку сексистички ставови поврзани со изгледот, возраста и семејниот живот на жените спортистки. -Често пати женските спортски достигнувања се тривијализираат на сметка на доминирање на рефренци за изгледот, возраста, и истото, пред сѐ, се должи на непрепознавање на поимите родова еднаквост и рамноправност, несериозно сфаќање на овие концепти, и немање на спортска култура. Прво се коментираат како жени, а потоа како спортистки. Има тенденција да бидат прикажани премногу стереотипно и сексуализирано, вели Антоновска. Таа го нагласува влијанието на медиумите кои имаат моќ да ги обликуваат јавните верувања, перцепции и вредности. Атлетичарката Милјана Ристиќ за себе вели дека секојдневно е изложена на сексистички коментари. Како пример за едно од многуте непријатни искуства, таа сподели момент од почетокот на нејзината кариера. Станува зор за Скопскиот полумаратон 2018 година на кој таа заврши на петтото место во генералниот пласман и на второто место од категоријата Македонки. -По успешно завршена трка најголемо внимание беше обрнато на моето тело, физички изглед, атрибути и опрема во која се натпреварував, додека, успехот кој го постигнав на трката беше целосно занемарен. После оваа трка, на ниту еден од медиумите не беше пишувано за моите постигнувања или пак за самата трка генерално. Главната насловна на скоро сите портали беше „Згодна маратонка го истрча полумаратонот по гаќички”, заедно со моја фотографија од трката, а под тоа имаше коментари од секаков вид. Тогаш за првпат се соочив со вакво искуство и можам да кажам дека освен што воопшто не е пријатно, ова е навистина поразително за еден спортист, вели Ристиќ. Таа дополнува дека многу често, после секој постигнат успех, остварен пласман, истрчан личен рекорд, во многу случаи не добива пофалби за нејзиното постигнување, туку за физичкиот изглед и убавина. -Многу често се соочувам со коментари од типот „Честитки, убавино”, „Браво, добра нога држиш”, „Какво тело имаш” и слично, што секако дека не ми прави да се чувствувам пријатно. Но, од друга страна, има луѓе кои вистински ми честитаат и се радуваат на мојот успех, што е навистина голема вредност, па секогаш се обидувам да го свртам фокусот во таа насока, вели таа. Пулексенија Јованоска е најдобрата македонска каратистка, таа годинава учествуваше на Олимписките Игри во Токио. Јованоска вели дека имало случаи кога објавува фотографија од нејзин успех и на која поголем дел од коментарите се упатени кон нејзиниот изглед, не за успехот. -За жал, сметам дека живееме во ера кога се акцентира убавината пред квалитетот. Не само во спортот, во сите области. Но, ме радува фактот што преку спортот јасно е видлив талентот и успехот на девојките. Сметам дека спортистките докажуваат дека кога има вложен труд и тренинзи, успехот е неизбежен, а естетската привлечност не игра некоја улога, вели Јованоска. Дрита Ислами е атлетичарка која постојано руши рекорди и освојува медали. Девет пати е прогласена за атлетичарка на годината со срушени пет македонски рекорди, учество на Олимпијада, Светско првенство и повеќе триумфи. Таа вели дека како атлетичарка не била многу изложена на сексизам, меѓутоа, на почетокот од нејзината кариера „било апсурдно да трча со гол стомак“. -Атлетиката е спорт кој е малку екстравагантен поради опремата што ја носиме на натпревари. Сега тоа е нормално, но, во почеток на мојата кариера, пред 13 години, беше малку апсурдно да трчаш со гол стомак и кратки шорцеви и нормално дека бевме осудувани за тоа. Но, секогаш сум внимавала да не привлечам внимание. За среќа, сега луѓето не гледаат на таков начин туку гледаат резултати и се радуваат на истите, вели Ислами. Во атлетиката, како што вели, зборуваат секундите и нема место за неправда меѓу мажи и жени. Медиумите имаат можност да ги променат традиционалните норми и стереотипи, промовирајќи балансирано известување на спортот во машки и женски категории и правично и професионално прикажување на спортистите – без разлика на родот. Она што може да помогне, според Антоновска, се алатки за родово чувствителен јазик и комуникација од една страна, а осуда за сите сексистички говори и однесувања од друга страна. -Потребно е промовирање на позитивни модели на спортистки со цел одвраќање на фокусот од изгледот кон достигнувањата, и ставање на исто рамниште со машките спортски достигнувања. Поттикнување на водечки спортски личности да осудат негативни коментари  со сексуална или каква било друга дискриминаторска конотација, бидејќи спортот може да биде еден од двигателите на родовата еднаквост преку учење на сите на тимска работа, зајакнување на самодовербата, наместо да биде извор на сексизам, вели таа. Ристиќ посочува дека поради нивното влијание врз општеството, медиумите и медиумските професионалци имаат одговорност да работат кон отстранување на стереотипите и намалување на родовата дискриминација. -Во случај на спортот, конкретно, медиумите треба да придонесат за постигнување на родово-недискриминаторски стандарди и модели кои ќе поттикнат зголемување на разновидноста на спортските активности. Докажано е дека медиумите имаат значително влијание, социјална одговорност и улога во борбата против родовите стереотипи, како и во подобрувањето на видливоста на жените. Па така, сметам дека подигнувањето на свеста треба да започне уште од рана возраст. Дополнително, ова може да се постигне и со зголемување на уделот на женскиот спорт во вестите, спортските емисии, претставување на женскиот спорт на ист начин како што е претставен и машкиот, организирање работилници, семинари, јавни говори на претставителни спортски личности и можеби најважно, подигнување на свеста и кај самите жени спортистки, вели таа. Јованоска нагласува дека гледа простор за промени и чувствува подобра клима за женскиот спорт. -Ќе биде тешко, сè што е табу тешко се менува, но, има напредок и тоа ме радува, заклучува таа. Според Ислами, кога почнуваш да тренираш некој спорт, талентот е најважниот фактор. Таа посочува дека не треба да се мисли на лошите страни и да се биде под влијание на коментари и притисоци од надвор, туку, како што вели, „треба да се има самодоверба и да се биде фокусиран на резултат со напорна работа“. Жените имаат право да се чувствуваат удобно во сопствената кожа на глобалната спортска сцена. Тие треба да ја остварат својата цел демонстрирајќи ги вештините што ги научиле и совладале, наместо да ја нагласуваат фризурата, шминката, и воопшто изгледот. Јавноста во спортот, како, впрочем, и во сè друго, треба да ги разгледува ставовите, постигнувањата и изгледот на мажите и жените подеднакво. Единствен фокус кога спортистките ќе излезат на терен треба да биде нивниот перформанс на способности, а за сè останато треба да имаат слобода на избор, израз, убедување и верување. Медиумите треба да известуваат подеднакво и еднакво, по исти критериуми, а публиката треба да знае, гледа и поддржува резултати кои не се поврзани со естетика, туку со реализирани постигнувања, засновани на квалитет. И сето ова да придонесе кон правилен развој и реализација на спортистките како личности. Ангела Рајчевска

Остани поврзан