• среда, 17 јули 2024

Избрани победниците на конкурсот за дизајн на корици – „Порта Европа“

Избрани победниците на конкурсот за дизајн на корици – „Порта Европа“
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Креативните решенија на четворица млади македонски дизајнери за шест книжевни дела од европски писатели се избрани за победнички на конкурсот „Порта Европа“, што го распиша издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“. За најдобри се прогласени предлог-дизајните на Катерина Соколова, Ивона Јанчевска, Лара Маринковиќ и Андреј Лавчански. Од издавачката куќа соопштија дека на отворениот повик, кој траеше од 14 јули до 11 септември оваа година, наменет за илустраторите и дизајнерите на возраст до 35 години, се пријавиле 18 кандидати. Тие аплицирале со едно или со повеќе решенија за понудените романи. Според дизајн на Катерина Соколова ќе бидат уредени две корици: за романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен и за „Лекција за месечарот“ на Фредерико Педреира. Две решенија и на 20-годишната Ивона Јанчевска ќе бидат публикувани. Станува збор за корици за романите „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ и „Книга на жалоста (Приказната за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер. Предлогот на Лара Маринковиќ за корицата на романот „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер и решението на Андреј Лавчански за „Градината од стакло“ од Татјана Цибуљак, исто така ќе бидат дел од оваа едиција. Сите романи вклучени во проектот се добитници на престижната Европска награда за литература. Од „Арс Ламина – публикации“ информираат дека целта на проектот „Порта Европа“ е да се создаде книжевна едиција заснована на еколошка заднина што подразбира превод, објавување, дистрибуција и промоција на шест извонредни европски книжевни дела. -Исто така, објавувањето на оваа едиција е во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар. Во насока на остварување на зацртаните цели, предвидени се повеќе активности, меѓу кои и ангажман на локални визуелни уметници во подем и печатење на книгите на хартија со FSC-сертификат за рационално користење на шумите, соопштија од издавачката куќа. Како дел од мисијата на овој проект, „Арс Ламина – публикации“ ги покани младите илустратори и дизајнери да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото. Вкупниот награден фонд за победничките решенија изнесува 39.000 денари, односно 6.500 денари за едно решение. Проектот е во рамките на програмата „Креативна Европа“ наменета за циркулација на европска литература. Издавањето на едицијата „Порта Европа“ e кофинансирано од Европската унија.бт/са/

Остани поврзан