• петок, 22 ноември 2024

Избрани младите поети кои ќе читаат на „Скопје СИ ТИ“ во рамки на „Денови на поезијата“

Избрани младите поети кои ќе читаат на „Скопје СИ ТИ“ во рамки на „Денови на поезијата“

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Тимот на здружението „Култура Бета“ и издавачката куќа „ПНВ Публикации“ соопштија дека се изберени младите поети кои ќе читаат на настанот „Скопје СИ ТИ“, по претходно распишаниот конкурс за песни на тема урбана поезија. Настанот ќе се одржи на 24 март во кафе-книжарницата „Литература.мк“ во Скопје Сити Мол.

На „Скопје СИ ТИ“ ќе читаат Јулија Ангелова, Андреј Анѓеловиќ, Виктор Бучковски, Иво Донев, Марко Иван Кочишки, Нино Наумовски, Дарио Постоловски, Теодора Прокоповска, Михаела Стефановска, Методија Тасевски, Крсте Трифунов и Розе Ускоска.

-Станува збор за настан што ги поддржува младите поети почетници, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, нудејќи им шанса да се претстават со поетско читање, во рамки на проектот „Денови на поезијата“, што ќе се одржи од 21 до 24 март, во организација на Скопје Сити Мол заедно со Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура Бета“, и ќе се состои од низа настани за промоција на поезијата, соопштија од „ПНВ Публикации“.

Од издавачката куќа потенцираат дека програмата во целост ќе биде објавена наскоро. бт/нд/

Фото: „ПНВ Публикации“

Остани поврзан