• сабота, 25 јули 2026

Иванден преку перото на евангелистот Лука: Зошто татко му Захарија онеме, како неродениот Јован ја дочекува Богородица и зошто татко му му го пишува името на парче даска

Иванден преку перото на евангелистот Лука: Зошто татко му Захарија онеме, како неродениот Јован ја дочекува Богородица и зошто татко му му го пишува името на парче даска

Скопје, 7 јули 2026, (МИА) -Елисавета и свештеникот Захарија немаа деца, оти Елисавета беше неплодна, а обајцата беа веќе стари, пишува евангелистот Лука во своето Евангелие за раѓањето на бебето кое го знаеме како св. Јован Крстител и чие раѓање го славиме денеска, на 7 јули.

И на Захарија, во една прилика, кога нему со ждреб му се паѓа да влезе во Господовиот храм, му се јавува ангел Господов стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.

Захарија се уплашил кога го видел, и страв го опфатил. А ангелот, гледајќи го и чувствувајќи го неговиот страв, му вели: 

„Не плаши се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.“

И ангелот додава: 

„И тој ќе биде голем пред Господа и ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си“.

Тогаш Захарија прави грешка. Не му се верува дека тоа ќе се случи и го прашува ангелот:

„По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.”

А ангелот му возвраќа со тоа што му вели дека тој е Гавриил, испратен од Бога и дека поради тоа неверување Захарија ќе стане нем и нема да може да зборува се додека бебето не се роди. 

А, народот го чекаше Захарија пред храмот и се чудеше што се забави внатре, пишува Лука. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

А, како што рекол ангелот, така и било. По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таела пет месеци, велејќи дека тоа е од Господ, а во шестиот месец, кај неа доаѓа Марија, мајката на Исус, која во стомакот веќе го носи Господ. 

И тоа го чувствува неродениот Јован, а Лука вели: „Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!“

И останува Марија со Елисавета и неродениот Јован три месеци, а на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа го роди бебеото кое подоцна ќе го крштева Господ,. 

Името му е Јован, го обрезуваат, прашуваат како ќе се вика, Елисавета вели дека името ќе му биде Јован, но сите се свртуваат кон Захарија кој на парче даска го пишува неговото име. И тогаш, немоста негова ја снемува и му се враќа способноста да зборува. 

„И сите кои чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?” И раката Господова беше со него“, пишува Лука. 

А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и можеше да пророкува, додека детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израелците.

Тоа е чудесната и топла приказна на Лука за раѓањето на Јован, за Иванден, кој вели дека ја објавил, и не само таа, туку целото Евангелие откако „испитав сè од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле“.

А од нас во МИА, среќен нека им овој ден на сите кои го слават, а и на оние кои не го прават тоа. /дј