• недела, 23 јуни 2024

Зошто македонските студенти сѐ повеќе избираат странски универзитети?

Зошто македонските студенти сѐ повеќе избираат странски универзитети?

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Позната слика на скопската меѓународна автобуска станица: Млади Македонци им мавтаат на своите семејства, качувајќи се во автобуси (побогатите со авиони) кон дестинации како Љубљана, Софија, Загреб…Трендот на студирање во странство постојано расте.

Што ги тера овие млади умови да бараат образование надвор од својата татковина?

Еден од клучните фактори е квалитетот на образованието. Според резултатите од PISA, Словенија постојано ја надминува Северна Македонија во читање, математика и наука. Словенечките училишта се рангирани значително повисоко, нудејќи на студентите поцврста академска средина. За амбициозните студенти кај нас, ветувањето за подобро образование е силен мотиватор.

Сепак, од разговорите со идни и сегашни студенти, се потврдува фактот дека една од главните причини е економската состојба. Во Северна Македонија, има висока стапка на невработеност меѓу младите и ограничени можности за работа. Многу млади бараат подобри услови и плати во странство, каде што универзитетите нудат повеќе пракси и работни можности. Така, тие можат да стекнат драгоцено искуство и финансиска стабилност.

Тие се нашата иднина

Во просторија полна со средношколци, на прашањето „кој ќе студира надвор од земјава“, речиси сите креваат рака. Иако се сè уште млади за веќе да се разочарани во функционирањето на системот и институциите во земјава, тие својата иднина ја гледаат надвор.

Во анкетата речиси сите велат дека ќе заминат од тука, па и оние кои своите студии веќе ги почнале во земјава. Никола, кој на крајот вели дека ќе остане во Македонија е нашата иднина. Ако сакаме во земјава да остане квалитетен и образован кадар, треба сите сили и напори да ги вложиме во него и децата како него. За да им докажеме дека можеме, умееме и сакаме да биде подобро, за тој да биде пример за следните генерации кои можеби се повеќе ќе остануваат тука.

Изберете не нас

Македонските студенти во странство со кои разговаравме во оваа сторија се од Словенија. Марибор, Копер, Љубљана се многу привлечни за македонските студенти последните години. Јазичната бариера не е голем проблем, трошоците за живеење и школарина се релативно прифатливи во споредба со Западна Европа или САД, и, ако ги прашате родителите, „некако блиску е“.

Фамнит е државен универзитет во Копер за математика, природни науки и информатички технологии. Ниту еден македонски државен универзитет нема онлајн видео реклама со која би привлекол студенти и би го прикажал тоа што го нуди. Со сè повеќе млади кои не ја гледаат својата иднина тука, би било добро нашите факултети да посветат повеќе внимание на својот маркетинг.

Студентот Т.К. (името познато на редакцијата), кој студира на факултетот за информатички технологии на овој универзитет, вели дека главната разлика со македонските универзитети е во односот меѓу студентите и професорите, бидејќи во Словенија односот е многу поличен. Освен тоа, практичното знаење повеќе се почитува отколку теоретското. Нема квизови, бубање, учење дефиниции. На професорите не им е сè црно-бело. Професорите не се обидуваат да „фатат некого во незнаење“ туку на сите начини сакаат да извлечат што повеќе знаење од студентот. Тие се обидуваат да помогнат во која било прилика.

Ива Ѓорѓиевска, која студира уметност во Словенија, исто така го истакнува односот на професорите кон студентите, но сепак додава дека „зависи од човек до човек“.

Според Т.К. најголемата тешкотија е потребата за припадност. „Секој сака да припаѓа некаде, на некое друштво. Секако, првите стресови со кои секој македонски студент се соочува се интензивни, но брзо поминуваат и се средуваат. Такви проблеми се, на пример, самостојното живеење, потребата да се научи нов јазик, наоѓање на друштво. Тие проблеми се сепак површни во споредба со човековата потреба да припаѓа ’Дома‘. Секако дека се прифатени нашите - скоро секој што запознав, без разлика дали Словенец, или странец, прифаќа Македонци, без стереотипи и очекувања. Но сепак не се толку отворени колку што се со некои од својот народ. Би рекол дека голем дел од македонските студенти пробуваат да се интегрираат, но имаат и некои забелешки, кои најчесто се однесуваат на храната, ноќниот живот, работното време. Мислам дека најголемиот конфликт доаѓа во однос на тоа како функционираат различни држави, а не различната култура и однесувањето на младите“.

И на Васил Ханџиски, кој студира во Марибор, му недостига семејството и пријателите. Тој вели дека животот на почетокот е осамен, но како и кај сите, тоа поминува. Секој човек лесно се навикнува на добро опкружување, функционално секојдневие, квалитетно образование и европски стандарди на живот.

Од другата страна

Иако сакавме новинарски да интервенираме во нејзината изјава, сепак одлучивме приказната на мајката на момче што студира во странство да ви ја пренесеме изворно:

Одлуката да го испратиме нашиот син на студии во Словенија беше сè освен лесна. Имавме 18-годишно дете, дотогаш целосно заштитено (можеби и претерано), кое никогаш не било во пошта, не пуштил машина за перење алишта, и кое никогаш не било толку далеку од дома, само. Но, во него видовме потенцијал кој не се ценеше многу во Македонија – навистина посебен талент за математика и компјутери. Негова желба беше да студира таму, па го пуштивме.

Што се однесува до учењето, ги надмина сите очекувања и за неколку месеци ќе дипломира како еден од најдобрите во својата група.

Но да не се лажеме, тешко е за мајка кога детето нема да ти дојде за Велигден. Или кога ќе ти се јави и ќе ти каже дека го удрил мотор … Или едноставно кога ќе каже: „Нешто сум тажен, осамен сум, тешко ми е …“ Ти како мајка, веднаш низ глава вртиш најцрни сценарија, прегледуваш кога е првиот лет за Љубљана, размислуваш пеш да тргнеш …До следното слушање, кога ќе го чуеш насмеан, расположен, среќен.

Сигурни сме дека ја донесе вистинската одлука иако морам да кажам дека финансискиот залак испадна малку преголем за нас. Велат домашниот есап на пазар не излегува, но не се жалиме, се снаоѓаме и веруваме во него. Студиите во Словенија се навистина бесплатни и имаат многу бенифити за студентите, како субвенциониран оброк и превоз…Но сепак трошоците за кирија, режиски трошоци, храна (субвенциониран оброк има еднаш дневно/пет пати неделно) се големи кога ќе се стават во контекст на македонските плати. Би рекла 7.000-8.000 евра годишно се неопходни за функционирање, без никакви луксузи. Меѓутоа вистина е и тоа дека веруваме дека неговата диплома брзо ќе се валоризира.

А јас, како мајка, само се надевам дека еден ден билетот за еден правец што го купи пред три години ќе стане повратен и ќе се врати дома, во држава која ќе знае да ги цени неговите знаења и вештини (како и на илјадници други деца) и во држава која ќе му помогне да ѝ помогне да напредува.

Дома си е дома

Според Државниот завод за статистика, бројот на запишани студенти на високите стручни школи и факултетите во Република Северна Македонија од пред десет години, до последната академска 2022/2023 година е намален „само“ за малку повеќе од 5.000 студенти. Најмногу запишани имало во академската 2015/2016 година кога академски граѓани станале речиси 60.000 луѓе.

Студентите со кои разговаравме во Скопје набројуваат разни причини поради кои не заминале во странство на студии – пандемијата на Ковид-19, учењето на мајчин јазик, не можењето да се одвојат од семејството и пријателите.

Маја С., студентка на Машинскиот факултет во Скопје вели дека „како дома нема никаде“. „Кај мене преовлада стравот од непозната околина, моите најблиски се тука за што и да ми затреба, имам свој матичен лекар кој ми ја знае состојбата од мала за несакани болести, учам на мајчин јазик и така полесно ги совладувам предавањата“, раскажува таа..

Студентот на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, Марко В, вели дека останал во татковината затоа што „тука не е странец, полесно се наоѓа друштво, и со наставниот кадар се прават полесни конекции“.

За жал, ниту Маја, ниту Марко, како и повеќето студенти на УКИМ со кои разговаравме, не планираат да останат тука откако ќе дипломираат.

„Ќе заминам, бидејќи тука почетна плата на инженер е 30.000 денари во многу компании, а на касиер 35.000 денари“ вели Марко.

„Би заминала поради системот на кој (не)функционира цела држава и, нормално, за повеќе искуство во некои реномирани европски фабрики и институти“, одговара Маја.

Време е да престанеме да глумиме Американци и веќе да не прашуваме што можеме да сториме за државата. Крајно време е државата да почне сериозно да работи за генерациите што доаѓаат. Додека не станало предоцна.

Сања Костовска

Јасмина Тасевска

Фото: МИА

Видео: МИА

Сторијата е изработена во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Остани поврзан