• четврток, 05 декември 2024

ЗНМ и ЕФН на средби со политички чинители: Со заеднички напори за медиумска слобода и демократија во Македонија

ЗНМ и ЕФН на средби со политички чинители: Со заеднички напори за медиумска слобода и демократија во Македонија

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претседателот Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски, заедно со генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез изминатите неколку дена оствариле серија средби со првите луѓе од клучните институции во државава.

Како што соопшти ЗНМ, работни состаноци биле одржани со премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за правда Игор Филков и со евроамбасадорот Михалис Рокас.

На средбата со премиерот и претставници на неговиот кабинет, Чадиковски и Гутиерез отвориле важни прашања за унапредување на условите за работа на медиумските професионалци и усогласување на законската рамка со европските стандарди. Се дискутирало за подобрување на условите за медиумските работници, потребата од транспарентност и инклузивност при изработката на закони што ќе го унапредат медиумскиот сектор и ќе ја заштитат слободата на изразување, како и за потребата од создавање на Анти СЛАПП механизми, фонд за медиумски плурализам, кои ќе придонесат за создавање на стабилна и праведна медиумска околина, стои во соопштението.

На средбите во Собранието, додаваат оттаму, акцент бил ставен на актуелните состојби со медиумскиот простор во земјава и за важноста од понатамошно унапредување на слободата на медиумите и независноста на новинарите. Од страна на ЗНМ била нагласена потребата од професионален пристап при изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), процес кој е во тек како и потребата во ова важно тело да има претставник на новинарската заедница. Тие апелирале при селекцијата да се имаат предвид критериумите за професионалност и независност на кандидатите.

Од ЗНМ посочуваат дека на средбата со министерот за правда покрај актуелните предизвици со кои се соочуваат новинарите при вршење на нивната работа, се разговарало за СЛАПП тужбите кои создаваат притисок кај новинарите, финансиски и психолошки и го поткопуваат јавниот интерес, како и за потребата од заедничка соработка за правни реформи во согласност со европските стандарди.

Амбасадорот Рокас и неговите соработници, пак, биле информирани за потребата од механизми за заштита на новинарите од злонамерни тужби кои ја нарушуваат медиумската слобода, за фондот за медиумски плурализам што ќе обезбеди финансиска стабилност за независните медиуми и ќе го заштити јавниот интерес, а била побарана и континуирана поддршка и помош од Делегацијата на ЕУ за унапредување на медиумската слобода и демократските вредности во земјава.

Од ЗНМ додаваат дека овие средби претставуваат значаен чекор кон унапредување на медиумските слободи и зајакнување на демократските стандарди во Република Северна Македонија. нд/цр

Фото: ЗНМ

Остани поврзан