• недела, 22 декември 2024

Зеленски ги покани Бајден и Си на самит во Швајцарија

Зеленски ги покани Бајден и Си на самит во Швајцарија

Киев, 27 мај 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето до светските лидери од Харков во пресрет на мировниот самит во Швајцарија на 15 јуни, нагласи дека не постои нација која може сама да ја запре војната во Украина и дека за тоа е потребно вклучување на највисоките официјални лица во светот, повикувајќи ги да се приклучат на самитот што е можно повеќе.

Русија не доби покана за овој самит, но Москва соопшти дека и да пристигне, нема да учествува на овој состанок на кој ќе се соберат претставници на 80 земји.

Зеленски упати апел до светските лидери кои се уште се на маргините на глобалниот мировен самит, до американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг, да се приклучат на самитот бидејќи, како што наведе, напорите на глобалното мнозинство се најдобрата гаранција дека сите обврските ќе бидат исполнети.

Украинскиот претседател истакна дека зборува од Харков, каде, како што наведе, „во тек е третата година на постојан терор, бидејќи руските сили секоја вечер и секој ден го гранатираат градот, најмногу со ракети С-300“. Според него, Русија почнала да го напаѓа Харков со наведувани бомби, кои се оружје за неселективно уништување.

Зеленски тврди дека Русија не сака мир и дека е единствената земја која запленила нуклеарна централа и отворено ја користи за радијациона уцена, како и дека постојано се обидува да ја прошири војната.

-Во моментов, овие денови, се браниме 60 километри североисточно од ова место од нов обид за руски напад, рече Зеленски.

Минатата недела од Москва пристигнаа сигнали дека Кремљ е отворен за мировни преговори. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба смета дека навестувањата на Путин за мировните преговори се директно насочени кон саботирање на самитот.

-Путин моментално нема желба да ја прекине својата агресија против Украина и затоа толку се плаши од самитот во Швајцарија“, напиша Кулеба на „Х“. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан