• сабота, 23 ноември 2024

Зелените иновации во стручното образование предуслов за регионален развој

Зелените иновации во стручното образование предуслов за регионален развој
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) – Потенцијалите и компетенциите кои постојат за развој на зелени иновации во Скопскиот Регион, образовните капацитети и улогата на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации во поттикнување на економскиот развој беа тема на денешната регионална работилница.  Центарот е формиран во јануари годинава и се наоѓа на Машинскиот факултет-Скопје. Тој е меѓу четирите во Европа во рамките на  проектот „Гриновет“ (Greenovet) кофинансиран од Европската Унија во износ од 4,5 милиони евра. Во него се вклучени 18 партнери од Северна Македонија, Португалија , Финска и Австрија. Како и кај нас, и во овие три европски  земји партнери се основани вакви регионални центри. Координаторот на Центарот, д-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет, изјави дека четирите центри  се први од овој тип кои поддржуваат зелени иновации во средно стручно образование и обуки и тие ќе функционираат како едно, ќе бидат поврзани во мрежа во која ќе ги разменуваат знаењата и искуствата и ќе работат на развојот на зелените иновации. -Центарот е единствен во земјава, но и во регионот и тоа за нас е чест и задоволство што ги следиме трендовите на ЕУ, особено последните развојни трендови за зелена економија и зелена транзиција. Центарот е прилично нов и во моментов се работи на градење на капацитетите на луѓето што ќе работат во него. Центарот има единствена цел - да им помага на младите да развиваат зелени бизниси и да ги развиваат своите идеи во средина во која малку повеќе ќе се грижат за животната средина и ќе развиваат иновативни идеи со коишто ќе се намали и оптимизира искористувањето на ресурсите на животната средина, рече Велковски. Ова е иницијален проект во развојот на зелени иновации, додаде тој, и допрва се очекуваат многу повеќе финансии, и од ЕУ, а се надева и од национални фондови кои ќе го потпомогнат реализирањето на зелените идеи. Посочи дека во однос на компетенциите кои се детектирани при истражувањето во првиот работен пакет од проектот „Гриновет“, нашата земја не заостанува во однос на останатите земји во проектот – Португалија, Финска и Австрија и тоа, како што рече, значи дека компетенциите кои се најзначајни за развој на зелени иновации во Северна Македонија се во насока и на новите Greencom, односно зелените компетенции, кои неодамна ги објави ЕУ.  Дел од нив се поистоветуваат и со дигиталните компетенции и со компетенциите за развој на претприемачки вештини. Мила Велковска од Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење изјави  дека се лидер на првиот работен пакет во проектот „Гриновет“ кој се занимава со стратешко истражување што, рече, е еден од клучните чекори за да знаеме како да се развиваат зелените иновации во регионот. Посочи дека клучно во истражувањето  е оти за развој на зелени иновации се потребни два типа вештини – технички и генерички. Генеричките се оние што не се зависни од конкретно работно место и се пренесуваат без разлика на занимањето, како што се креативност, етичко и одржливо размислување, заштита на животната средина и воочување можности. -Од друга страна, особено се важни техничките вештини кои ние ги дефиниравме според Стратегијата за паметна специјализација која е водилка низ многу европски планови, стратегии и, практично, е иднината на се она што се развива. Во однос на техничките компетенции во Скопскиот Регион се смета дека треба да се работи на управување со отпад и рационално, паметно искористување на енергијата. Тоа се главните заклучоци од нашето истражување, додаде Велковска. Целта на проектот е да постигне извонредност во стручното образование и обука и затоа  работилницата беше организирана во Автосообраќајниот училиштен центар (АСУЦ) „Боро Петрушевски“ кој е еден од партнерите во проектот. Но целта им е , како што рече, да бидат опфатени сите средни стручни училишта, и не само училиштата туку и сите понудувачи на стручно образование и обука во регионот. Во проектот „Гриновет“ од нашата земја се вклучени Сојузот на стопански комори, Машинскиот факултет, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учењеРаде Кончар ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“ и уште 13 партнери од Австрија, Португалија и од Финска. хс/са/

Остани поврзан