Здруженија за заштита на животните бараат Владата да дозволи шетање на домашните миленици за време на полицискиот час
- Дваесет здруженија и активистички групи за заштита на животни од целата земја бараат од Владата преку издавање на посебни дозволи да им се овозможи на луѓето кои имаат миленици да можат да ги
Скопје, 27 март 2020 (МИА) - Дваесет здруженија и активистички групи за заштита на животни од целата земја бараат од Владата преку издавање на посебни дозволи да им се овозможи на луѓето кои имаат миленици да можат да ги шетаат и за време на полицискиот час. Тие бараат Владата да им го исполни барањето во најкус временски рок, пред да почне полицискиот час за време на викенд, од 16 часот во сабота до 05 часот во недела.
Тие бараат дозвола за изнесување миленик во рамки на полициски час во радиус од 200 метри од живеалиште, престојувалиште, по примерот на сите европски земји, кои имаат воведено полициски час.
Дозвола за посета на ветеринар, дежурна ветеринарна служба во рамки на полициски час во случаи на животозагрозувачка состојба на миленик, мерка која ја применуваат развиените земји.
Здруженијата бараат и дозвола за изнесување миленик во рамки на полициски час како помош на лица кои се недоволно подвижни, во радиус од 200 метри од живеалиштето, што исто така е регулирано во европските земји каде што има воведено полициски час и ситуацијата е регулирана на истиот начин.
Во врска со нивното барање, здруженијата до Владата доставиле и Предлог- дозвола и очекуваат нејзин официјален став во најбрзо време.
Претходно, Ветеринарната комора ги повика здруженијата за заштита на животни заеднички, координирано и хармонизирано да изготват и да достават аргументирани и издржани барања во однос на изнесувањето на милениците за време на полицискиот час во викенд-деновите (сабота и недела), кога забраната за движење почнува од 16:00 часот. ир/сп/