• петок, 22 ноември 2024

Здравствени работници бараат повисоки плати, бенефициран стаж, инфективен додаток

Здравствени работници бараат повисоки плати, бенефициран стаж, инфективен додаток

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Повисоки плати, бенефициран стаж, инфективен додаток за сите без разлика кој на кое работно место е, промена на колективни договори, побараа денеска здравствените работници од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.

Лазо Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија, во изјава за медиуми истакна дека ниедна влада немала слух за здравството.

- Не само оваа влада, туку и наназад. Здравството пропаѓа, тоне. Првите наши барања, основни што се, тоа се покачување на платите линеарно за сите вработени, сакаме да се променат колективните договори. Особено општиот колективен договор, воопшто не е добар. Затоа што усогласување на минималната плата со колективниот договор и законот за минимална плата, не е усогласено. Треба да се направат измени и во законот за минимална плата и во општиот колективен договор. Договорците на дело, тие во овој момент страдаат повеќе затоа што доаѓаат на работа и саботи и недели и празници, работат за 20.175 денари, колку што е минималната плата, тие се криминални договори, рече Костовски меѓу другото.

Тој кажа дека условите за работа се катастрофални во некои здравствени установи, а апелираше и да се распишат огласи за нови вработувања. бд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан